Девизниот прилив од туризмот во Србија, во првите девет месеци од годинава, изнесува 2,1 милијарди евра, што е за 11 отсто повеќе во однос на истиот период од 2023 година, изјави министерот за туризам и млади Хусеин Мемиќ, нагласувајќи дека Србија и понатаму бележи рекорди во девизниот прилив, како и во бројот на странци кои ја посетуваат, јави дописникот на МИА од Белград.

-Вкупниот девизен прилив од туризмот во 2023 година изнесува 2,6 милијарди евра, што е за 8 отсто повеќе во однос на претходната 2022 година, рече Мемиќ.

Тој додаде дека сега стануваат реалност бројките кои беа незамисливи пред неколку години, како и дека постои тенденција за натамошен раст на девизните приливи во Република Србија.

-Ако се споредат бројките од 2019 година, девизниот прилив најверојатно ќе се удвои. Тоа значи дека Србија поставува рекорди, и тоа во споредба со минатата рекордна година, пред пандемијата, нагласи Мемиќ.

Во текот на првите девет месеци од годинава Србија забележала 4,6 милиони ноќевања на странски туристи што е зголемување за 8,9 отсто во однос на истиот период лани, потсети Мемиќ.

Исто така, вкупниот број на туристи е зголемен за 5,7 отсто, а кај странските туристи за 12,6 отсто



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2024 22:25