На сцената на Народниот Театар во Штип (НТШ) вечерва ќе гостува претставата „Се случи еднаш во Женева“. Станува збор за дуодрама, а режијата е на Кристијан Атансов, информираат преку писмено соопштение од НТШ.

Претставата „Се случи еднаш во Женева“ е правена според текстот „Прошетка низ Шумата“ од Ли Блесинг.

„Се случи еднаш во Женева“ е сведоштво на едно уникатно пријателство кое се раѓа непосредно пред крајот на Студената војна. Драмата е интерпретација на вистински настан од 1982 година, кога американски и советски дипломат во Женева ги занемариле протоколите за време на мировни договори и заминале на прошетка во шума на периферијата на градот. Во претставата присуствуваме на четири вакви приватни средби за време на првата година од преговорите откако Џоун Ханимен е испратена во Женева, додека се обидува да испреговара договор за кратења на нуклеарно оружје со нејзиниот постар соработник Андреј Ботвиник. Затекнати во различен момент од нивните животи и кариери, нивната конфронтација се сведува на искуството на Ботвиник и амбицијата на Ханимен, ве вели во соопштението од НТШ.

Во претставата улогите ги играат Јана Вељановска и Лазар Христов, идеја за сценографија е на Ненад Тонкин - Студио КР7, фото е на Ана Павловска. Гостувањето е поддржано од Министерството за култура и туризам.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2024 16:32