Новиот државен буџет за 2025 година ќе ни донесе енергија и напредок во сите сектори на општеството, но особено за столбот на нашата економија – земјоделството.
Со гордост можам да кажам дека земјоделството ќе добие историска поддршка. За првпат, буџетот за земјоделство се зголемува за цели 13%, а издвоените средства за програмата за земјоделство и рурален развој се зголемени за неверојатни 284%! Дополнително, капиталните инвестиции се зголемуваат за 102%.
Ова не се само бројки. Ова е цврст доказ за посветеноста и партнерството на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со земјоделецот. Ние знаеме дека овие луѓе се движечка сила на нашата земја, дека нивната работа е основа за развојот на руралните средини и за целокупната државна економија.
Преку поддршка за модернизација и вложување во современи технологии, механизација, подобри услови за производство и пласман, ќе покажеме дека земјоделството е во нашиот фокус.
Предлог буџетот за 2025 е силен индикатор дека Владата е подготвена да стои цврсто зад секој земјоделец, со навремено исплаќање на субвенциите и сите програми за поддршка.
Индикатор за партнерство со земјоделците, за заедничка работа, за да бидат слушнати и разбрани. Верувам дека новиот буџет и идната соработка ќе донесе подобар живот за секој еден во руралните средини, повисоки приходи за секое семејство и посигурна иднина за сите.