Ѕвездата на класичниот кросовер, извонредниот пејач и кантавтор Матео Бочели штотуку ја најави својата сосем нова европска турнеја за 2025 година, под наслов „Summer Nights“ (Летни ноќи), во чиишто рамки првпат ќе ја посети и нашата држава. Ексклузивниот концерт е закажан за 15 јуни во македонската Филхармонија во Скопје.
Концертот на Матео Бочели во Скопје е во организација на „Пасворд продакшн“ и дел од „Оф-програмата“ на „Таксират фестивалот“. Влезниците за концертот се достапни во продажните места на „МкТикетс“ низ Македонија и на нивната интернет-страница.
Неговиот деби-настап во живо на 18-годишна возраст беше во римскиот Колосеум, а во 2018 година тој и неговиот татко го објавија „Fall on Me“, возбудлив дует кој собра над 400 милиони преноси ширум светот до денес. Како што соопшти македонската музичка институција, уште од неговото прво појавување на синглот „Fall On Me“ со неговиот татко - славниот тенор Андреја Бочели во 2018 година, па сѐ до изведбата на обновената верзија на „Time To Say Goodbye“ со нова композиција од Ханс Цимер на „Оскарите“ во 2024 година, Матео Бочели ја восхитува публиката ширум светот. Со неговиот импресивен талент и распродадени турнеи тој го трасира новиот пат во уникатниот стил.
Матео зад себе има настапи на дел од најголемите светски сцени. Неговата турнеја „A Night With Matteo“ ги распродаде светски познатите концертни сали, вклучувајќи ја Операта во Сиднеј и Куќата на славните во кантри-музиката, но и настапи за кралското семејство на Велика Британија и за отворањето на концерт на легендарниот Лајонел Ричи.
По успехот на неговата неодамнешна соработка „Falling Back“ со полската суперѕвезда Сана, Матео неодамна го претстави својот нов сингл „If I Knew“, во кој настапува мултиплатинумската уметница, номинирана и за „Оскар“ - Софија Карсон. Овој дует означува уште еден значаен чекор во кариерата на Матео, бидејќи тој продолжува да го обликува својот жанр, проширувајќи го успехот со неговиот деби-албум насловен едноставно - „Matteo“.
Албумот ги прикажува сите аспекти на неговата уметност - не само неговиот силен, но сепак ранлив вокален стил, туку и неговото авторско пишување песни. Ова издание го вклучува и херојот на пејачот, Ед Ширан, кој ја напиша „Chasing Stars“ за Матео, голема балада што го покажува неговиот горен регистер.
Во 2022 година, Матео ја издаде „A Family Christmas“, заедно со таткото Андреја и сестрата Вирџинија, за божиќната епизода на „Симпсонови“. Матео е воедно и заштитно лице на машката линија на модниот бренд „Гес“ (Guess).