Со настанот „Песна за неговата песна“, во Културно информативниот центар во Скопје денеска ќе се одбележи деведесетгодишнината од раѓањето на македонскиот класик Петре М. Андреевски. Како што е најавено, со актерска изведба на делови од неговото творештво, книжевен разговор преку кој ќе се отворат важни прашања за неговата поезија и со проекција на архивски видео материјали, во салонот Империјал 2, сѐ ќе биде во знакот на неговиот творечки опус.
Организаторите од Културно информативниот центар соопштија дека во централниот дел на настанот, кон поетското творештво на Андреевски ќе се осврне универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, авторка на првата книга за неговата поезија, „Лицето на зборовите“, објавена пред 20 години. Во разговорот што со неа ќе го води писателот Иван Антоновски, ќе се оствари обид за ново препрочитување на поезијата на Петре М. Андреевски и за согледување на некои аспекти што досега не се афирмирани пред пошироката јавност.
Делови од творештвото на Андреевски ќе одекнат со актерска изведба на Димитрина Мицкоска-Трајкоска, а пред присутните ќе бидат прикажани и архивски видео материјали на коишто говори самиот Андреевски.
Петре М. Андреевски се вбројува меѓу најдаровитите и најпопуларните македонски поети и раскажувачи на 20 век, а се има пројавено и како драмски автор и есеист. Покрај најпопуларните – поетската книга „Дениција“ (1968) и романот „Пиреј“ (1980), меѓу позначајните негови дела се вбројуваат и поетските „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994) и романите „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997) и „Тунел“ (2003). Автор е и на култната книга за деца „Касни – порасни“.