Судскиот совет на денешната 505. седница ја промени ранг листата на кандидатите за избор на судии за Апелациониот суд Битола, по поднесена жалба од страна на судијата Кирил Јовановски од Основниот суд Битола.
Како што беше посочено на денешната седница, поради техничка грешка во пресметката при бодирањето на судијата му биле скратени пет бода, со што наместо 69,54 бода му биле запишани 54,54 бода.
Членот на Советот Антоанета Димовска посочи дека судијата во жалбениот навод дополнително вели дека за познавање на англиски јазик треба да добие 15 бода, а не 5 бода, бидејќи, како што навел во жалбата, со пријавата приложил и сертификат за познавање на англиски јазик ниво C1.
– За познавање на англиски јазик смета дека треба да добие 15 бода, а не 5 бода, бидејќи со пријавата има приложено сертификат за познавање на англиски јазик ниво Ц1. И тоа е точно, во пријавата има приложено таков сертификат. Третиоt жалбен навод е дека за вкупниот стаж треба да добие 11,33 бода, наместо 11,04 бидејќи до денот на пријавување на огласот имал 11 години 4 месеци и 11 дена работен стаж. Согласно правилникот се сметаат цели години, но сите комисии работиме по ист принцип, за секој месец даваме 01,02, зависно бројот на месеци. Кај кандидатот Кирил Јовановски наместо 54,54 бода треба да биде 69,54 бода, поради техничката грешка при собирањето, рече Димовска.
По ваквата одлука на Советот, ранг листата на кандидатите за избор на тројца судии од Апелациониот суд Битола за граѓанска област се менува на начин што судијата Ристо Сотиров останува на првото место со 71,9 бодови, Дејан Крастанов останува на второто место со 69,59 бодови, додека по поднесена жалба на третото место е Кирил Јовановски со 69,54 бодови. На четврто место е Александар Илиевски со 66,96 бодови, а на петтото место Јасмина Шишковска Стојковиќ со 63,05 бодови.
Советот на денешната седница утврди престанок на судиска функција на судијката од Основен суд Тетово, Верка Костовска, поради исполнување на услови за старосна пензија. Беа донесени одлуки за престанок на судии поротници од Апелациониот суд Скопје, Основниот суд Делчево и Основниот граѓански суд Скопје, како и беа избрани нови судии поротници за основните судови во Делчево, Крушево и Штип.
Поради исполнување на старосна пензија, престанок на функцијата судија поротник во Апелациониот суд Скопје беше донесена за Темјана Ивановска, од Основниот суд Делчево ваква одлука беше донесена за Илија Мишев, Менсуф Алифи, Јасмина Трајановска, Катерина Петровска, Зоран Пегов, Даниела Митевска, Игорче Трајановска и Дејан Поповски, додека од Основниот граѓански суд Скопје ваква одлука беше донесена за Наташа Јосифовска Симоновска.
Во Основниот суд Делчево за судии поротници беа избрани Сандра Давитковска, Македонка Поповска, Катерина Петровска, Ивана Давитковска, Валерија Стојменов, Вејнур Амедов, Јаника Манаиловска и Наташа Велкова, од Основниот суд Крушево судиите поротници Васко Јанкуловски и Наташа Ѓорчевска Анчов, додека од Основен суд Штип судиите поротници Игор Тасевски, Кирил Дреслиев, Даниел Милевски, Наташа Николовска,Надица Спасовска, Леона Димова, Добрила Черкезова, Игор Коцев, Маја Цветановска Андонов, Јована Рилак.