Американската полиција во Њујорк го уапси Ералд Алимехмети, Албанец од Тирана, кој поседувал и американско државјанство, под сомнение дека е вмешан во поддршка на активностите на терористичката организација Исламска држава, јави телевизијата Ора њуз.

Осомничениот Алимехмети (33) вчера бил изведен пред федералниот судија Стјуарт Д. Арон, кој му одреди притвор.

Службеникот на ФБИ во Њујорк, Џејмс Е. Денехи, по апсењето изјави дека Алимехмети се обидувал на интернет да регрутира и обучува поединци, за кои верувал дека имаат слични ставови. Тој постојано дистрибуирал бројни упатства за производство на експлозиви за употреба во терористички напади.

Во соопштението за медиумите од канцеларијата на јужниот окружен обвинител на Њујорк, Демијан Вилијамс, се наведува дека Алимехмети, со американско и албанско државјанство, живеел во Бронкс.

Албанските власти двапати го уапсиле и затворале, а затворски казни одлежувал во периодот од 2015 до 2019 и 2020 до 2022 година за поседување оружје и физички напад врз други лица.

Според обвинението, во 2019 и 2020 година, тој редовно објавувал пораки и видеа на социјалните мрежи за поддршка на Исламската држава, вклучително и пораки со пофалби за некои од нејзините водечките личности.

Во документите доставени до судот се споменува и објавување на видео на социјалните мрежи каде се вели: „Исламската држава во Африка убива крстоносци, француски и американски специјални сили“.

Алимехмети е обвинет по две точки, едната за обид за материјална поддршка на Исламската држава која предвидува максимална казна затвор од 20 години, а другата за дистрибуирање информации за експлозиви, масовно оружје, уништување, и оружје за масовно уништување, што предвидува и максимална казна од 20 години затвор.

Сојузниот обвинител Демијан Вилијамс им се заблагодарил на властите во Албанија и Австралија за нивната значајна помош во истрагата за овој случај.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2024 03:24