Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев денеска, заедно со својот тим, ги посети OВР Гевгелија, граничните премини Богородица и Дојран, како и ОВР Валандово и ПС Дојран, каде беше информиран за тековните активности за работењето на службите кои се во надлежност на СВР Струмица и Oдделот за гранични работи, за проблемите, потребите и предизвиците со кои тие се соочуваат во текот на нивното секојдневно работење.

Како што информираат од МВР, Јанев посебно се осврна на потребата од координирано и синхронизирано работење на граничната полиција и Секторот за внатрешни работи Струмица, во насока на секојдневна размена на информации за критични и жешки точки кои се користат од страна на криминални групи или поединци за прекуграничен криминал. Тој ја потенцира потребата полициските службеници да имаат блиска соработка со царинските службеници, посебно на граничните премини, со цел заедничко и ефективно работење во насока на превенирање, откривање и спречување прекугранични нелегални активности.

-Заштитата на државната граница, борбата против прекуграничниот криминал и организираниот криминал се активности за кои во најголем дел носител е полицијата и затоа сите полициски службеници мора крајно одговорно, со силен интегритет и максимална посветеност, да се вложуваат во секојдневното работење, посочуваат од МВР.

Нагласуваат дека при посетите се разговараше и за идеите и начините кои би можеле да помогнат протокот на патници, возила и стоки да биде поефикасен. Исто така, се разговараше и за подобрување на соработката со локалните власти и заедницата и соодветно исправање пред предизвиците од безбедносно функционален аспект со кои се сочуваат локалните заедници.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2024 03:47