Општина Битола презентира извештај за проектот „Зелен катастар“, современ систем за регистрирање, управување и мониторинг на зелените површини и урбаната дендрофлора во градот.

Проектот претставува една од најзначајните информации за урбаната средина или создавање на т.н. лична карта на секое дрвенесто растение, информираа од Општина Битола.

- Зелен катастар е стратешки документ со кој е извршен попис на над 24 000 точки на територијата на градот Битола со посебен акцент на централното градско подрачје. Во изработка на зелен катастар беа попишани дрвја и грмушки на локациите градски парк, улиците „Партизанска“, Васко Карангелевски“ и „Филип Втор Македонски“, а ќе се продолжи во населбата „Карпош“ се со цел и таму да бидат попишани дрвја и грмушки. Со зелен катастар -дел 3, заокруживме една целина на градот, а во наредниот период ќе се врши попишување и на преостанатото зеленило во општината. Со овој документ се подобрува управувањето со зеленилото, а со тоа и директно се зголемува грижата за здравјето на граѓаните, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

Од Општина Битола информираа дека локалната самоуправа ќе продолжи со почитување на Законот за урбано зеленило според кој, секоја градежна парцела мора да има најмалку 20 отсто зеленило се со цел да не се дозволи дрвјата да ја изгубат битката со бетонот.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2024 22:08