Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали, при потпишувањето на договорот за официјализирање на пристигнувањето на хотелскиот бренд „Риц-Карлтон“ во Србија, изјави дека овој луксузен хотел ќе стане нов симбол на Белград и ќе придонесе за развојот на туризмот и економијата во Србија, јави дописникот на МИА Белград.
Мали ја посочи важноста од доаѓањето на брендот „Риц-Карлтон“ во Белград, нагласувајќи дека проектот ќе придонесе за имиџот на главниот град како луксузна туристичка дестинација, соопшти Министерството за финансии.
Тој потсети дека Србија е првата земја во регионот на Западен Балкан што добила инвестициски рејтинг и прва и единствена земја кандидат за полноправно членство во ЕУ која има таков рејтинг.
-Дојдовте во земја која е прва по економски раст во Европа во првите девет месеци од оваа година, во земја која и покрај глобалните кризи ја зачува макроекономската стабилност. Србија е земја со рекордно ниска невработеност, изјави Мали при потпишувањето на договорот со компанијата „Мериот Интернационал“ и „Данјуб Риверсајд“.
Според него, отворањето на „Риц-Карлтон“ во Белград претставува остварување на голем сон и Србија станала земја во која соништата се остваруваат.
Директорот на компанијата „Миленијум тим“ Иван Бошњак изјави дека на местото на хотелот „Југославија“ ќе се гради луксузен комплекс кој ќе стане нов симбол на Белград и атракција за туристите од целиот свет.
-Со инвестиција од речиси 500 милиони евра, убедени сме дека овој комплекс ќе го стави Белград на глобалната мапа на луксузни дестинации и дополнително ќе ја зајакне неговата меѓународна репутација, рече Бошњак.
„Риц-Карлтон“ ќе биде отворен во 2027 година и ќе има 193 елегантно уредени соби, два уникатни ресторани, спа и фитнес центар, затворен базен и повеќе од 1.700 квадратни метри простор за настани и состаноци, се додава во соопштението