Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, остварил работна средба со шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во државава Фатих Туркменоглу, на која разговорите биле фокусирани на новата петгодишна стратегија на ЕБОР за Северна Македонија, што се очекува да биде усвоена напролет следната година.
Како што соопштија денеска од Стопанската комора, на состанокот било истакнато дека стратегијата, каде се дефинира ангажманот на ЕБОР во Севера Македонија, останува насочена кон три главни приоритети.
- Поддршка за конкурентноста на приватниот сектор, која ќе се реализира преку подобрување на вредносните синџири, доквалификација на работната сила и зајакнување на владеењето; зајакнување на регионалната интеграција преку активности за меко поврзување и приближување на земјата до Европската унија и поттикнување на транзицијата кон зелена економија преку одржлива мешавина на извори на енергија и поголема ефикасност на ресурсите, се наведува во соопштението.
Азески нагласил дека стратешките насоки на Комората се комплементарни со приоритетите на ЕБОР, особено во делот на регионалната интеграција, зајакнувањето на извозните капацитети и спроведувањето на Зелената агенда.
Како клучни примери за заложбите тој ги посочил активностите во рамки на Берлинскиот процес, каде Комората посветено работи на регионалната интеграција со тоа што е на водечките позиции во регионалните здруженија и иницијативи од типот на КИФ ЗБ6 и Асоцијацијата на балкански комори (АБК). Дополнително, заложбите на Комората за зајакнување на извозот се материјализираат преку формирање на институции како Националниот совет за извоз, Извозниот институт, како и зајакнувањето на Клубот на извозници внатре во Комората.
На средбата се дискутирало и за предизвиците со кои се соочува приватниот сектор, вклучително прашања како повратот на ДДВ и подготвеноста на компаниите да ги искористат средства од најавениот унгарски кредит.
Досегашните инвестиции на ЕБОР во земјата изнесуваат околу 3 милијарди евра, реализирани преку 196 проекти, додека моменталното портфолио изнесува 1,3 милијарди евра.