Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ, на која биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, европските аспирации и состојбите во регионот.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Подгорица, претседателката Сиљановска Давкова изразила задоволство од досегашниот развој на односите и соработката, кои ги карактеризира традиционално силно пријателство, идентични ставови по однос на развојот на меѓународната и регионалната соработка, со заеднички стратешки цели – мир и стабилност во регионот и членство во ЕУ.

Сиљановска Давкова го истакнала очекувањето напредокот во македонска евроинтеграција да биде евалуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми и изразила очекување за споделување на експертизата и искуствата на црногорската администрација во преговорите со Унијата.

- Таа истакна дека меѓу нејзините главни приоритети е регионалната соработка, посочувајќи дека преку почитување и поттикнување заедништвото во регионот, можеме да ја забрзаме интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Во таа насока, соговорниците предложија конкретни решенија: повторно воспоставување на директна авиолинија, формирање на културни центри во двете држави, како и што поскоро одржување на меѓувладина седница. Премиерот ја нагласи подготвеноста за споделување на досегашните црногорски евроинтеграциски искуства со македонските институции, соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова.

Соговорниците заклучиле дека е потребен брз и голем исчекор во економската соработка која ќе ги следи одличните политички односи.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2024 17:09