Косовската министерка за економија, Артане Ризваноли, утринава објави дека е нормализирано водоснабдувањето во реоните погодени од терористичкиот напад во каналот Ибар-Лепенец, кај Зубин Поток, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ризваноли на нејзината страница на Фејсбук напиша дека доцна синоќа започнало водоснабдувањето во Јужна Митровица, Северна Митровица и Звечан.
„Водоснабдувањето на подрачјата погодени од терористичкиот напад во каналот Ибар-Лепенец се враќа во нормала! Синоќа во доцните часови почна водоснабдувањето во општините Јужна Митровица, Северна Митровица и Звечан. Водата денеска е веќе пуштена на третман во фабриките за вода во Глоговац и Орловиќ и почна редовното снабдување на граѓаните во Србица. За неколку часа се очекува нормализирање на снабдувањето за граѓаните на Глоговац, Косово Поле и Обилиќ!“, објави Ризваноли.
Во петокот ноќта во Зубин Поток се случи експлозија во водоводниот канал Ибар-Лепенец, при што се загрози снабдувањето со вода и струја за стотици илјади граѓани во неколку градови во Косово. Во врска со настанот, кој официјална Приштина, како и меѓународната заедница, го оценија како терористички, косовската полиција во обемна акција во северно Косово, населено со мнозинско српско население, вчера уапси осум лица и заплени бројни материјални докази, како и арсенал на оружје и муниција, експлозиви, разновидна опрема, вклучително и стотици униформи и воена опрема