Според официјалниот извештај на Заводот за јавно здравје на Албанија, презентиран денеска по повод 1 декември Меѓународниот ден на борбата против СИДА-та, во земјата се зголемува бројот на заразени.

За десет месеци регистрирани се 123 нови случаи на ХИВ вирусот, но до крајот на годината се очекува оваа бројка да биде поголема. Од нив 89 се мажи, 30 жени и четири деца на кои заразата им е дијагностицирана во клиниката за педијатрија. На значителен број од засегнатите им била дијагностицирана СИДА во доцна фаза, и како резултат на тоа овие луѓе можеби заразиле и други партнери, без да знаат за тоа.

Во текот на 2024 година, 15 лица починале од кои осум се случаи дијагностицирани оваа година. Еден од нив се самоубил. Кај повеќето лица заразата е дијагностицирана во амбулантата на Универзитетската клиника во Тирана, а не со доброволно тестирање, кое е бесплатно.

Годинава регистрирани се пет трудници со ХИВ-инфекција. Три случаи се дијагностицирани како нови случаи, додека останатите два се со претходно позната ХИВ-инфекција. Во меѓувреме се породиле две од жените и нивните бебиња се следат според соодветните протоколи.

Кај случаите дијагностицирани во 2024 година, најголем број се забележани кај мажи на возраст од 30-39 и 40-49 години, додека кај жените во возрасната група помала од 50 години.

Во земјата функционираат 14 советодавни центри и има доброволно бесплатно тестирање, како форма на превенција, но, според надлежните лицата се тестираат кога болеста веќе е во повисок стадиум.

Првиот случај на заразен од ХИВ/СИДА во Албанија е регистриран во 1993 година, од кога официјалната бројка на заразени е околу 1.400, но се верува дека тој број е многу повисок. Од оваа болест до сега починале повеќе од 220 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2024 03:00