Локалната власт во Охрид континутирано и посветено работи на создавање локална самоуправа во која секој има еднаква шанса да ги оствари своите права. Тоа денеска по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби го посочи градоначалникот Кирил Пецаков.
Пецаков во својата објава на фејсбук-профилот потсети на низата реализирани проекти и активности во насока на подобрување на условите за лицата со посебни потреби во Охрид.
Притоа тој го посочи неодамна објавениот јавен повик за финансирање проектни идеи од областа на социјалната заштита, во чии рамки лани беа обезбедени средства за поддршка на дневните центри за лица со интелектуална попреченост ,,Зраци’’ и ,,Св Ѓорѓија”.Поддршка беше обезбедена и за инклузивната игротека ,,Радост’’, за која Пецаков изрази надеж дека наскоро ќе премине во Центар за лица со попречености на територијата на Општина Охрид.
„Тоа е проект на кој работиме заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади“, напиша Пецаков.
Градоначалникот уште потсети дека преку буџетот на Општина Охрид, беше обезбедена е Финансиска поддршка за Центарот кој згрижува и третира деца со атипичен развој.
„Во рамки на проектот ,,Од граѓаните за заедницата од заедницата за граѓаните”- Отворени можности за еднакво образование за сите деца, во соработка со УНДП ангажирани се образовни асистенти во средните училишта кои работат со ученици со потешкотии во развојот. За прв пат воведовме и веќе три години доделуваме стипендии за ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби. Охрид е првата општина во Македонија која реализираше ваков проект. Доделуваме еднократна парична помош на семејства со дете со тешка попреченост во училишна возраст кое не е примател на стипендија или друга помош од општина Охрид, објави Пецаков на својот профил, притоа истакнувајќи дека лицата со посебни потреби, нивните семејства и сите кои неуморно работат за нивна поддршка и вклученост, заслужуваат постојана поддршка и внимание, секој ден.
„Водени од нашите инклузивни определби, Општина Охрид и јас како градоначалник континуирано и посветено работиме на создавање на локална самоуправа во која секој има еднаква шанса да ги оствари своите права. Преку бројни активности, проекти и соработка со граѓанскиот сектор и институциите, нашата цел е различностите да бидат прифатени како богатство, а правото на достоинствен живот да биде загарантирано за сите“, напиша Пецаков и истакна дека локалната самоуправ во Охрид и натаму ќе продолжи континуирано и посветено да работи во насока на негување на солидарноста, уривање на бариерите и создавање услови за еднакви можности за сите граѓани на Охрид.