Дури 61 процент од жените во Македонија во текот на својот живот барем еднаш се имаат соочено со родово базирано насилство преку интернет, а 79 проценти од нив воопшто не го пријавиле, покажува Анализата на законодавството за родово-базирано насилство на интернет. Како што беше заклучено на денешната презентација на оваа Анализа во Скопје, потребни се дополнувања на Кривичниот законик, а во МВР треба да се зајакнат капацитетите на собирањето на доказите, но и на комуникација со Јавното обвинителство, која што е прилично бавна за овие случаи.
Анализата е изработена од националната консултантка Неда Чаловска Димовска, а беше презентирана денеска во рамките на проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“ што УНДП го спроведува со финансиска поддршка од Јужна Кореја.
Заменичка постојана претставничка на УНДП во земјава, Ана Чернишова денеска пред настанот изјави дека 61 процент од жените во Северна Македонија во текот на својот живот се имаат соочено барем еднаш со родово базирано насилство, а 79 проценти од нив воопшто не го ни пријавуваат тоа насилство, најмногу поради празнините во нашето законодавство.
-Жените не го пријавуваат насилството поради празнините во нашето законодавство и поради недостатокот на координација меѓу агенциите кои што постапуваат по вакви случаи. Важно е да се подобри оваа ситуација и затоа резултатите од ова истражување се многу важни. Денешниот настан е прв чекор кон подобрување на овие празнини на законодавството во соработка со Владата на Јужна Кореја, рече Чернишова.
Националната консултантка Неда Чаловска Димовска изјави дека согласно анализата, генерално имаме правна рамка која што е усогласена со меѓународните стандарди, меѓутоа треба дополнување во однос на Кривичниот законик.
Како што дополни, потребно е имплементирање на Истанбулската конвенција која што се однесува на технолошко родово базирано насилство, особено во делот на злоупотребата на лични податоци, фотографии, меѓутоа и користење на ИТ технологијата во однос на правење на видеа каде што се злоупотребуваат слики и видеа од млади девојки.
-Анализата ги покажува капацитетите на институциите за ефикасна заштита и ефикасна истрага. Тука утврдуваме дека во МВР се потребни многу напори за да се зајакнат капацитетите во однос на собирањето на доказите, координацијата внатре во самото Министерство, но и комуникацијата со Јавното обвинителство, која што е прилично бавна за овие случаи на родово базирано насилство, каде што навистина е потребна итна реакција на институциите. Треба да се зголемат и самите човечки капацитети, односно секторите за компјутерски криминал и за електронски криминал во секторите на МВР. Мора да имаат повеќе вработени и конкретно назначени лица да постапуваат по овие случаи, рече Чаловска Димовска.
Помошник министерот за внатрешни работи, Муамет Реџепи во своето обраќање на настанот посочи дека борбата против родово базирано насилство во дигитална сфера бара заедничка работа од страна на иснтитуциите, организациите и сите нас како поединци.
- Клучна е едукацијата и подигнувањето на свеста за безбедноста на интернетот, како и креирањето на посилни закони и механизми за заштита на жртвите. Само така, можеме сите да создаваме дигитален простор во која нема простор за насилство и дискриминација. МВР и наредниот период ќе продолжи кон јакнење на капацитетите, со цел успешно справување со родово базирано насилство во дигиталната сфера. Тука спаѓа и зголемување на безбедноста на граѓаните, што за нас како Министерство е од големо значење, рече Реџепи.
Раководителката на секторот за меѓународна правна соработка во Министерство за правда, Тања Кикерекова појасни дека според податоците, во 2023 година, на секои десет минути партнерите и членовите на семејството намерно убиле жена или девојка. За илјадници жени, циклусот на родово засновано насилство завршува со еден брутален чин, убиство од страна на партнерите или членовите на семејството.
Таа додаде дека фемицидот како намерно убиство на жена или девојка поради нејзиниот пол е универзален проблем и најбрутална видлива и најекстремна манифестација на циклусот на родово базирано насилство што го трпат жените и девојките.
Напомена дека Министерството за правда пристапило кон подготовки на измени и дополнувања на Кривичниот законик и со тоа е направен значаен исчекор. Како што рече, во законот вградена е дефиниција на жртва на кривично дело, дефиниција на родово засновано насилство, со што родово засновано насилство согласно Истанбулската конвенција добива дефиниција во Кривичниот законик како најсериозна форма на повреда на човечковите права и форма на дискриминација.
-Треба да ги исполниме нашите обврски, да повикаме на одговорност и акција од носителите на одлуки. Определбата на Министерството за правда како носител на кривичното законодавство е да работи на надоградување на оваа правна рамка. Пристапивме кон подготовки на измени и дополнувања на Кривичниот законик и со тоа е направен значаен исчекор. Како што рече, во закнот вградена е дефиниција на жртва на кривично дело, дефиниција на родово засновано насилство, со што родово засновано насилство согласно Истанбулската конвенција добива дефиниција во Кривичниот законик како најсериозна форма на повреда на човечковите права и форма на дискриминација. Со овие измени воведовме и нови кривични дела, полово вознемирување, демнење, рече Кикирекова во обраќањето.
Јавната обвинителка во Основно јавно обвинителство Скопје, Спасенка Андонова напомена дека родово базирано насилство може да има сериозни последици врз здравјето, животот и иднината на овие луѓе, особено на жените и девојчињата. Тука станува збор за злоупотреба на фотографии, сајбер прогонување, сексуално изнудување, токсингот, онлајн родово и сексуално вознемирување, говор на омраза преку интернет.
- Во услови кога дигиталниот свет е дел од реалниот свет, евидентно е дека и перцепцијата по однос на ова насилство некако како да ја сведува оваа форма на насилство на помалку сериозно, како помалку да е штетно од физичките форми на насилство. Тоа е резултат на недоволна информираност и помала свесност за псотоење на овој проблем, рече Андонова.
Таа додаде дека со измените на Кривичниот законик за обвинителите се создаде многу важна законска форма на постапување. Сега, посочи, многу од детектираните облици на родово базирано насилство може да добијат своја правно издржана форма, која може и да продуцира понатамошно постапување на сите надлежни институции.
-Сепак, за да зборуваме за реални податоци е прерано. Во иднина ќе се фокусираме во насока на прибирање на овие податоци, и на нивна анализа со цел да се согледаат местата каде треба да се интервенира и во која насока, посочи Андонова.