Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во синоќешното интервју за ТВ Алсат рече дека со проневерените пари од АД „Државна лотарија“, како што рече, се купувале скапи имоти во земјата и во странство.

Тој рече дека во истрагата, поради која во странство избегаа поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, се вклучени институции од Финансиската полиција, Финансиското разузнавање, Царината, УЈП и Министерството за внатрешни работи.

-Се прибираат многу сериозни индиции, многу докази, голем број докази, така што овој случај навистина ќе биде еден од најинтересните случаи од гледна точка на белосветскиот криминал што сме го имале во историјата на Македонија, поврзано на предметното правно лице, изјави Тошковски.

Тошковски потврди дека има информации дека имотот во и надвор од Македонија наводно бил купен со приноси од криминал.

-Има информации дека со незаконски стекнати финансиски средства се купени многу имоти на многу локации, не само во Македонија, рече министерот.

Тошковски сподели и детали за бегството на Груби преку граница со дипломатско возило. Според него, граничната полиција направила кардинална грешка што не видела на компјутерот дека Груби е на Стоп-листата, а потоа немала можност да ја поправи грешката.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2024 02:31