Европската унија денеска соопшти дека и наредила на социјалната мрежа TикТок да ги замрзне податоците поврзани со изборите во Романија.
Официјални претставници на ЕУ издадоа „наредба за задржување“ на податоците според сеопфатниот Закон за дигитални услуги, кој регулира како функционираат најголемите социјални мрежи во светот во Европа.
Овој потег следи истиот ден кога САД изразија загриженост за потенцијалното странско мешање во изборите во Романија, откако, како што наведоа агенциите, прорускиот националист Калин Георгеску победи во првиот круг од претседателските избори на 24 ноември.
Документите од кои романските безбедносни службеници вчера ја симнаа ознаката за тајност покажуваат дека Георгеску бил масовно промовиран на платформата ТикТок преку координирани налози, алгоритми за препораки и преку платена промоција.
Георгеску соопшти дека не потрошил пари за кампањата. Документите сугерираат дека Романија била цел на „агресивни хибридни руски напади“.
Русија негираше какво било мешање во предизборната кампања во Романија.