Денес имам чест да му бидам домаќин на господинот Касаноф со кој што имавме искрена и пријателска средба која беше важна потврда за тридецениското партнерство помеѓу двете земји, кое се темели на заеднички вредности и визија за подобра иднина.
Се разбира дека разговаравме за нашите европски интеграции, зајакнувањето на владеењето на правото и економскиот развој кој што претставува приоритет на нашата Влада. Овие приоритети не се само национални цели, туку претставуваат и предуслов за стабилност и напредок на целиот регион.
Европските интеграции остануваат наш врвен стратешки приоритет. Работиме неуморно на спроведување на реформите кои ќе обезбедат владеење на правото, транспарентност и ефикасност на институциите, се разбира како дел од сето ова заштита на човековите права и слободи. На овој начин планираме да се приближиме кон Европската Унија и да ги подобриме животите на сите наши граѓани
Во економската сфера, силно сме фокусирани на креирање на поволна деловна клима која ќе привлече странски инвестиции, ќе отвори нови работни места и ќе го поттикне економскиот раст. Поврзано со оваа прашање ги информиравме нашите пријатели за сето она кое што како Влада го направивме изминатите 6 месеци како сме избрани како Влада, со сите оние бројки и податоци кои што се разбира се расположливи во јавноста.
Веруваме дека соработката со САД во оваа област ќе продолжи да игра значајна улога во подобрување на овие би рекол за нас исклучително добри, позитивни резултати кога ќе се има во предвид од каде почнавме.
Новата Влада со која раководам вложува максимални напори за придвижување на овие процеси, вклучувајќи ја и имплементацијата на обврските кои произлегуваат од нашето членство во НАТО.
САД отсекогаш биле наши блиски сојузници и пријатели.
Како што тоа беше случај и претходно, така и денес, во услови на променета геополитика, остануваме како земја да бидеме посветен сојузник и партнер на Соединетите Американски Држави како Влада.
Ова партнерство е цврсто втемелено на взаемна почит, доверба и заеднички цели.
Наша задача е да продолжиме да ги надоградуваме овие односи, да ја продлабочуваме нашата соработка и да обезбедиме дека придобивките од ова партнерство ќе ги почувствуваат сите наши граѓани.
Цврсто на страната на демократијата, мирот и просперитетот и ќе продолжи да ги спроведува сите потребни чекори за заеднички напредок, инспирирана, меѓу другото и од пријателството со Соединетите Американски Држави.