Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје денеска го одбележа патронатот кој годинава е во знакот на одбележувањето 80 години од формирањето на оваа институција, основана во ноември 1944.

Денот на св.Климент Охридски – 8 Декември од 2007 година во земјава е и државен празник. Свети Климент (840-916) - просветител, учител, заштитник на македонскиот народ, е еден од најистакнатите ученици на св. Кирил и Методиј. Основач е на Охридската книжевна школа, позната како прв словенски универзитет, од која произлегле над 3500 ученици.

-Ние, како современа генерација библиотечни работници, чувствуваме должност и сме обврзани да ги чуваме вредностите кои нашиот патрон ги негувал и сето тоа да го правиме согласно Климентовото познато правило: „Или не поучувај или поучувај со својот живот. Инаку, со зборови ќе ги повикуваш, а со делата ќе ги бркаш“. Колективот на нашата институција скоро цел век ревносно се води по ова правило, докажувајќи ја својата пожртвуваност кон културното и народното наследство, низ разни премрежја, како војни, поплави и земјотреси, истакна директорот на Библиотеката, Јовица Никчевски, во поздравното обраќање.

Како што рече, Поверенството на АСНОМ за народна просвета, предводено од Епаминонда Поп-Aндонов, на 30 ноември 1944 упатило писмо до сите народноослободителни одбори и сите училишта во Македонија „да се празнува 8 декември како државен празник на нашата сенародна просвета“.

-Сите училишта биле задолжени да организираат пригодна програма и прослава која би траела три дена, од 7 до 9 декември. Како што се вели во писмото, „со ваквите чествувања треба да покажеме на македонскиот народ дека новата македонска власт, многу повеќе од старите фашистички власти и режими, ги цени имињата и заслугите на големите луѓе на Македонија“. Но, за жал, повеќедецениската системска негрижа за оваа институција, многупати нас, како колектив, нѐ оставаше на забот на времето и нѐ доведуваше до нефункционалност и неможност за нормално функционирање на Библиотеката, истакна Никчевски.

Повеќедецениската системска негрижа кон НУБ, рече, е и фактот што во изминатите десет години се пензионирале 46 вработени во НУБ, а имало само четири нови вработувања. За наредната година тој најави целосна реконструкција на објектот на Библиотеката за, како што рече, „да се воздигне овој храм на книгата“. –Овие протекувања што ги гледате, оваа сурова реалност, да ги оставиме во минатото, и НУБ да ја донесеме на степенот на кој заслужува да биде национална библиотека која постои скоро цел век, нагласи Никчевски. По повод патронатот, и по седум години прекин, се одржа возобновената 11-та научна средба, на тема „Силината на словото на Свети Климент и македонското историско, културно и духовно наследство“. Координаторот и модератор на научната средба, историчарот Митко Б. Панов, го поздрави возобновувањето на научната средба бидејќи, рече, „знаеме што значи свети Климент за Македонија и македонскиот народ“, додавајќи дека порака за идните генерации треба да биде она што во средниот век го кажал архиепископот Хоматијан за св. Климент - дека „оставил имот вреден колку целиот свет“. -Свети Климент е тоа што сме ние. Тоа е идентитетот, државата, црквата, културата, наследството и затоа, како координатор на оваа научна средба, го дефинирав тој наслов. Треба доволно да се посветува внимание на изворните аспекти на делото на свети Климент, изјави Панов пред почетокот на научната средба. За слабото знаење на учениците или непознавањето на делото на просветителите, тој смета дека е „генерален проблем во светот, зашто технологијата си го прави своето“, а и дека вината за тоа е кај сите. -Треба да се направат напори за да се заинтересираат учениците повеќе, соодветно на состојбите кои ги имаме сега. Меѓутоа, да не се знае свети Климент и свети Кирил и Методиј, тоа е како да не се знаеш себеси. Тоа е голем пропуст доколку го нема во свеста на учениците и доколку е така, сите, на некој начин, носиме вина за тоа. Сите општествени чинители, интелектуалци и наставници треба да се вложат повеќе за да го апсолвираат што повеќе тоа значење и да им влеат знаење на учениците, истакна Панов. Професорката Емилија Црвенковска, една од учесничките на научната средба, рече дека св. Климент Охридски, „покрај останатото, се истакнал со својата образовна дејност која се проширила на сиот словенски свет, не само на овој тесен регион“. - Денес не можеме да бидеме задоволни со оваа состојба зашто гледаме какви се податоците за образованието на нашите ученици. Можеби треба да се почне со некои поприлагодени програми за современо време, некои методи коишто децата полесно ќе ги усвојат за да се покрене писменоста и воопшто сознанијата за нашето културно наследство. Затоа што и за Климент се многу малку упатени, а камоли за останатите работи, изјави Црвенковска. Во рамки на свеченоста по повод патронатот беше положено цвеќе на споменикот на св. Климент Охридски на платото на НУБ, настапи Ставропигијалниот хор при епископското седиште „Св. Ѓорѓи“ – Скопје, беше промовирана „Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски“ од 1944 до 2024“, подготвена по повод 80-годишниот јубилеј на институцијата, како осврт на нејзината осумдецениска издавачка продукција. Свеченоста заврши со доделување јубилејни награди за вработените во Библиотеката и за пензионираните во 2024 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/12/2024 05:05