По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, агентите на Националното биро за истраги, денеска влегле во домот на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
СПАК го истражува за аферата со инценаторите, аферата „5Д“ во која се притворени најмалку десеттина високи општински раководители, но и истрагата за имотната состојба, заедно со сопругата Ајола Џоџа, и членови на нивните семејства.
Во моментот на контролата во домот била неговата сопруга и малолетниот син, бидејќи Велиај е во посета на германскиот град Хамбург, од каде постираше форографии за средба со неговиот тамошен колега.
Дел од медиумите наведуваат дека „Велиај бил претходно информиран за ова па затоа одлетал за Германија“.
-Агенти на Бирото, исто така, отидоа на контрола во општина Тирана. Но, овде не се знае дали е извршена контрола, бидејќи самиот Велиај, кој е во странство, во Хамбург, Германија, мора да биде присутен за да ја проверат неговата канцеларија. Неколку агенти отишле и во седиштето на галеријата „Харабел“ во Тирана, каде извршиле проверки и заплениле разни документи и материјали поврзани со истрагите започнати во врска со имотот на Ерион Велиај и членовите на неговото семејство, наведува Ора њуз.
Според истиот извор во однос на галеријата „Харабел“ биле изнесени бројни осуди дека преку неа се переле пари.
Телевизијата наведува дека на официјалната веб-страница на Ајола Џоџа, излегува дека таа е основач, сопственик и вработена во две уметнички галерии „ГУРГУР“ и „НААН“, коосновач и уметнички директор на галеријата „Харабел“ и генерален директор на фестивалот за современ танц во Тирана.
Од СПАК сè уште нема официјално соопштение за одлуката за претресите и одземениот телефон на сопругата на Велиај, но од неофицијални извори се дознава дека против градоначалникот е покрената истрага за пријава за имотна состојба.