САД внимателно ја следат ситуацијата во Сирија и се во контакт со сите земји од регионот, изјавија синоќа од Белата куќа, а по извештаите дека претседателот Башар Асад ја изгубил контролата врз власта во земјата по нападите во изминатите денови на бунтовнички групи.
-САД и нивните сојузници повеќепати го повикуваа режимот на Башар Асад на деескалација на граѓанската војна во Сирија, заштита на правата на цивилното население, етничките и религиозните малцинства, како и да се изнајде сериозен и веродостоен политички процес кој одамна би можел да стави крај на оваа војна еднаш засекогаш, изјави синоќа на брифинг за новинарите портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Таа посочи дека Вашингтон ќе продолжи да презема мерки за заштита на американскиот персонал и војници кои остануваат важен фактор за „гаранција дека ИСИС никогаш повеќе нема да се врати во Сирија“.
-Не сакам да шпекулирам што ќе се случи во следните неколку дена или како ќе се развива ситуацијата…, додаде таа.
Заземањето на сириските градови Алепо и Хама од страна на милитантите минатата недела беше најголемиот удар врз режиот на Асад, речиси 14 години по протестите против него низ цела Сирија и означија почеток на граѓанската војна во земјата.
Курдските сојузници на североистокот од Сирија се подржани од околу 900 американски војници.
Советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливан, неделаа изјави дека не е за изненадување тоа што вооружените формации се обиделе да ја искористат ситуацијата во која главните поддржувачи на Асад – Иран и Русија – биле одвлечени и ослабени од конфликти на други места.
-Продолжувањето на одбивањето на режимот на Асад да учествува во политичкиот процес утврден со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, како и неговата зависност од Русија и Иран, ги креираа денешниот развој на настаните изразен преку распадот на режимот на Асад во северозападна Сирија“, изјавија од Советот за национална безбедност.