Властите во Доминиканската Република денеска соопштија дека заплениле 9,5 тони супстанца за која постои сомневање дека е кокаин, што е најголемата ваква заплена во историјата на оваа карипска земја.

„Во два контејнери се откриени „вкупно 320 кеси со 9.588 килограми супстанца за која се верува дека е кокаин“ и биле наменети за Белгија“, рече на прес-конференција Карлос Деверс, директор за комуникации на Националниот директорат за контрола на дрогата.

Запленувањето е извршено во пристаништето Кауседо де Бока Чика, во близина на главниот град Санто Доминго.

Дрогата била пронајдена во два контејнери со банани кои пристигнувале од Гватемала и биле наменети за Белгија.

„Оваа заплена на кокаин „никогаш не била видена во Доминиканската Република и на Карибите“, рече Деверс.

Акцијата за заплена почна во раните утрински часови и се одвиваше во караван, со зголемено обезбедување, од пристаништето до седиштето на Националниот директорат за контрола на дрогата во главниот град.

„Обвинителството и Националниот директорат за контрола на дрогата испрашуваат најмалку 10 лица поврзани со пристаништето, додека ја продолжуваат истрагата за товарот наменет за Европа“, додаде Деверс.

Според него, најголемата количина запленета во Доминиканската Република досега била 2.582 пакети во 2016 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/12/2024 03:23