Предлогот поднесен од јужнокорејската опозиција за отповикување на претседателот Јун Сук-Јол, не ги собра потребните гласови од пратениците и претседателот на Парламентот, Ву Вон-шик го прогласи за неважечки.
За постигнување кворум недостигале пет гласови, откако гласаа 192 пратеници од опозицијата и тројца пратеници на владејачката Партија на народна моќ.
Барањето за импичмент на Јун следеше по неговата одлука да воведе воена состојба во земјата, што предизвика масовни протести.
Јун воведе воена состојба на 3 декември за да ги искорени, како што рече, „антидржавните сили“, обвинувајќи ја опозицијата за парализирање на функциите на владата со барањата за отповикување на владата и предложените буџетски кратења.
Тој јавно се извини во националното телевизиско обраќање до нацијата, неколку часа пред Парламентот да гласа за негово отповикување и вети дека ваква избрзана одлука нема да се повтори во иднина.