Сириската војска денеска соопшти дека се повлекла од поголем дел од југот на земјата, оставајќи под контрола на бунтовниците повеќе области, вклучувајќи ги главните градови на покраините Дара и Свејда.
Војската испратила големи засилувања за одбрана на клучниот град Хомс, третиот по големина во Сирија, чии предградија веќе се заземени од бунтовниците.
Ако бунтовниците го заземат Хомс, ќе ја прекинат врската меѓу Дамаск и крајбрежјето, каде што се наоѓаат руските воени бази и центарот на алависката заедница, од која потекнува сирискиот претседател Башар ал Асад.
Брзиот напредок на бунтовниците претставува голем пресврт за Асад, кој е речиси сам откако Русија е ангажирана во Украина, а либанскиот Хезболах е ослабен од војната со Израел.
Сириските демократски сили, предводени од Курдите и поддржани од САД, вчера информираа дека зазеле делови од источната провинција Деир ел Зор, која граничи со Ирак. Ова е неповолно за Иран, кој преку таа рута ги снабдува борците што ги поддржува во Сирија и Либан.
Невладината организација „Сириска опсерваторија за човекови права“ денеска објави дека иранските воени советници ја напуштаат Сирија, а борците поддржани од Иран, главно од Авганистан и Пакистан, се повлекле во централна Сирија.
Неочекуваната офанзива, предводена од џихадистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ), започна кон крајот на ноември. Бунтовниците ги зазедоа северниот град Алепо, втор по големина во Сирија, и градот Хама.
Лидерот на ХТШ, Абу Мухамед ал-Голани, изјави за Си-Ен-Ен дека целта на офанзивата е соборување на Асад.
По падот на Дара и Свејда, владините сили контролираат само пет главни градови на покраини - Дамаск, Хомс, Кунеитра, како и Латакија и Тартус на брегот на Средоземното Море.
Граѓанската војна во Сирија трае од март 2011 година, со проценети над половина милион жртви и раселување на речиси половина од предвоеното население од 23 милиони жители.