Политиката на Иран во однос на Сирија ќе претрпи развој, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи на земјата.
Техеран „ќе приспособи соодветен курс и позиција“ во зависност од „развојот на настаните во Сирија и регионот и однесувањето на оние кои дејствуваат на теренот“, се вели во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи.
Соседот на Сирија - Ирак, денеска инсистираше да се „почитува волјата на народот на Сирија и територијалниот интегритет на земјата“.
„Ирак ја потврдува потребата да се почитува волјата на сите Сиријци и нагласува дека безбедноста, територијалниот интегритет и независноста на Сирија се од огромно значење“, рече портпаролот на ирачката Влада, Басим Алавади во соопштението.
Кралот на другата земја што се граничи со Сирија, Јордан, Абдула Втори, рече дека неговата земја го почитува „изборот“ што го направија Сиријците, повикувајќи Сирија да избегне да западне во „хаос“ по соборувањето на претседателот Башар ал Асад.
„Јордан стои на страната на своите сириски браќа и ја почитува нивната волја и нивниот избор“, е мислењето на монархот, објавено од неговиот кабинет.
Во соопштението се нагласува „потребата од осигурување на безбедноста на Сирија, нејзините граѓани и нивните имоти со трудољубиво и брзо работење за да се воспостави стабилност и да се избегне каков било конфликт што би довел до хаос“.