Зборот на годината, кој го избра издавачката куќа Оксфорд, е „затапување“ (гниење на мозокот - brain rot), поради, како што се наведува во објаснувањето,бескрајното прелистување (скролање) на социјалните мрежи и користењето содржини кои го намалуваат интелектуалното ниво на луѓето, соопшти денеска британскиот универзитет Оксфорд.
Во изборот учествуваа над 37.000 лица, кои помогнаа овој збор да биде избран од скратената листа подготвена од Оксфордската издавачка куќа, пренесува британскиот „Гардијан“.
Терминот се дефинира како „наводно влошување на менталната или интелектуалната состојба на личноста, особено како резултат на прекумерна консумација на материјали – особено онлајн содржини – што се сметаат за тривијални или непредизвикувачки“.
Оксфордската издавачка куќа соопшти дека терминот добил нова важност во 2024 година, како симбол за загриженоста поради прекумерната изложеност на содржини со низок квалитет, посебно на социјалните мрежи.
„Затапувањето на умот е една од забележаните опасности на виртуелниот живот и начин на кој го користиме нашето слободно време“, изјави раководителот на уредништвото на Оксфордските речници, Каспер Гретвол.
Тој додаде дека не е изненадувачки што многу гласачи го прифатиле овој термин, поддржувајќи го како збор на годината. „Фасцинантно е што оваа фраза ја прифатија генерациите Z и Алфа – заедници кои во голема мера се одговорни за создавањето и користењето на дигиталната содржина на која терминот се однесува“, изјави Гретвол.