Трикратната олимписка шампионка Шарлот Дужардин е суспендирана денеска на една година од Меѓународната коњичка федерација (ФЕИ), откако беше снимена како камшикува коњ.

Дужардин се повлече од Олимпијадата во Париз кога видеото се појави во јули, а потоа беше привремено суспендирана од ФЕИ на шест месеци, откако беше поведена истрага за нејзиното однесување.

„За време на суспензијата, на Шарлот Дужардин и е забрането да учествува во какви било активности поврзани со натпревари или настани под јурисдикција на ФЕИ или националната федерација, се вели во соопштението на ФЕИ.

ФЕИ, воедно, изрече и парична казна од 10.000 швајцарски франци.

Шарлот Дужардин ги призна погрешните постапки и ги прифати санкциите, се додава во соопштението на ФЕИ.

Дужардин (39) освои шест олимписки медали, од кои две златни во индивидуална и една во екипна дресура.

Таа претходно изјави дека е длабоко засрамена од инцидентот.

„Она што се случи не ме одразува ниту мене, ниту начинот на кој ги тренирам моите коњи, ниту, пак, начинот на кој ги тренирам моите ученици, но нема оправдување. Длабоко се срамам“, изјави Дужардин, прецизирајќи дека спорната снимка е стара четири години



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2024 04:54