Владеењето на правото е жива материја, тоа е навика, тоа е состојба на ум што треба да биде вкоренето во секој носител на функција, во секој државен службеник, во секој судија, политичар и не помалку важно за граѓанско општествено одговорните граѓани. Крајно време е државите од Западен Балкан да ја најдат вистинската насока во евроинтегративниот процес, а тоа ќе биде владеење на правото, во кој процес граѓанското општество треба да одигра клучна улога. Ова беше посочено на Четвртата експертска регионална средба „Правдата нека владее со регионот“, во организација на Национална конвенција за Европска Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК).
Андреј Лепавцов, директор на директоратот за Европска Унија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија истакна дека владеењето на правото како заедничка вредност е неминовен дел на евроинтегративниот процес. Според Лепавцов, перцепцијата на повеќето граѓани е дека досегашните реформи одат во погрешна насока.
-Ова е многу важно бидејќи зборуваме за владеењето на правото и правдата што сите сме свесни дека е основа на секоја вистинска и здрава демократија и со оглед на тоа дека има дел на централно место во самиот Лисабонски договор на ЕУ, владеење на право како заедничка вредност е неминовно во самата срж на овој важен евроинтегративен процес. Ние како земја и како регион што целиме кон полноправно членство на ЕУ, пристапниот процес е главен двигател за суштински реформи во владеењето на правото и во самото судство. Тие континуирано се спроведуваат во изминативе две децении – некогаш побавно, некогаш со посилно темпо и со успех и сето тоа е во зависност од дадените внатрешно политички околности и динамиката на политиката на самото проширување, но секогаш се насочени кон усогласување со правото на ЕУ и на европските стандарди, рече Лепавцов.
Низ годините, додаде тој, функционирањето на владеењето на правото во нашата држава беше оценувано и на позитивно ниво како резултат на тоа сме ја добиле препораката за почеток на преговори како некој вид на прекршна точка во 2009 година сите се сеќаваме на тоа, но очигледно големи предизвици се се уште пред нас и перцепцијата е дека тие можат најефикасно да се надминат доколку одат заедно со пристапните преговори со отворањето на кластерите.
Според него, треба да знаеме и да се справиме со однесување и состојби што некогаш знаат да го поткопаат или, пак, да го демотивираат самиот тој реформски успех а не се исклучиво по наша вина.
-Бугарското вето во овој момент како најактуелно за нас, како и грчкото претходно, а и француското тука можам да го нагласам, само ни ја демонстрираат доминантноста на некои земји членки кои ја имаа во процесот на проширување. На очиглед имаме една состојба кога земја членка може да го наруши самиот кредибилитет на ЕУ и во одреден регион или држава преку непринципиелни блокади да закочи една сеопфатна и плански координирана реформска агенда на релација земја кандидат и ЕК што е засновано на принципот на заслуги, или на мерит системот. Значи, тие процеси прават проблеми во нашата реформска агенда и тука одговорноста е споделена, нагласи тој.
Истакна дека треба да се има предвид и дека владеењето на правото е жива материја, тоа е навика, тоа е состојба на ум што треба да биде вкоренето во секој носител на функција, во секој државен службеник, во секој судија, политичар и не помалку важно за граѓанско општествено одговорните граѓани и на крај на секој граѓанин кој живее во нашите земји. Правните регулативи сами по себе не може да ни гарантираат дека владеењето на правото ќе се почитува туку е потреба и култура на владеењето на правото и имплементација за што вчера доста се изнаслушавме од сите гости и сите спикери на вчерашната конференција.
Претседателката на Европското движење во Северна Македонија и национална координаторка на НКЕУ-МК, Милева Ѓуровска, истакна дека граѓаните треба повеќе да бидат вклучени во одлучувачките процеси, што ќе придонесе за зголемување на ефектот на интегративност и на тој начин се зајакнуваат и институционалните капацитети. Посочи дека граѓанскиот сектор поседува добри капцитети има добра експертиза вклучитечно и во доменот на владеење на правото.
-Верувам дека е крајно време да ја најдеме вистинската насока во евроинтегративниот процес, а тоа ќе биде владеење на правото. Ние сме тука да ги дефинираме патиштата како да стигнеме дотаму. Наша цел е членството во ЕУ. По 20 години не треба да го поставуваме прашањето зошто одлучивме да одиме по овој пат, туку треба да стигнеме таму. Одењето на овој пат треба да заврши. Билатералниот спор не треба да ги кочи земјите во нивниот напредок. Треба да ни се овозможи сериозно да се зафатиме со овие реформи за да ја исполниме оваа цел“, истакна Ѓуровска во нејзиното излагање.
Српската национална координаторка на Националната конвенција Бојана Селаковиќ, осврнувајќи се на вчерашната дебата во Собранието за евроинтегративниот пат на земјава, посочи дека Србија досега немала таква ситуација каде на еден панел претставници од граѓанскиот сектор, заедно со пратеници од различни политички партии разговараат на начин, на кој треба да се разговара и кои немаат дилема за тоа која е иднината на нивната држава.
-Така што, без разлика што овој процес тргна, така што ние што бевме подолго во овој процес на преговори требаше да го пренесеме нашето знаење и искуство на колегите од Северна Македонија и Албанија, за жал, во еден добар дел од преговарачките поглавја можам слободно да кажам дека Србија веќе ја нема лидерската улога во однос на целокупниот процес на проширувањето во регионот, изјави Селаковиќ.
Владеењето на правото, според Селаковиќ, иако речиси постојано со појавува како суштинска тема во преговорите, за ниту една од земјите од регионот, кои имаат кандидатски статус, како да не е целосно јасно што точно претставува и не разбрано на потребното ниво на кое треба да биде, во насока на тоа зошто е важно за граѓаните, за институциите на државата кандидат и за самата ЕУ.
-На крајот целата приказна се сведува на економски причини. Секако, по војната во Украина, ситуацијата е променета и сега е донекаде јасно дека интересот на ЕУ за проширувањето е исклучиво во областа на безбедноста. И тоа е во ред. Но, односот кон тоа што се стандарди во процесот на усогласување во областа на владеење на правото, и пораките кои доаѓаат често не се усогласени, со оглед дека самата ЕУ е комплексна структура и имаме неколку нивоа, и политички и експертски... Така, имавме ситуација каде претседателката на ЕК дојде во Белград и на највисоко ниво го пофали напредокот на Србија во областа на владеење на правото, а три дена подоцна беше објавен годишниот извештај за напредокот на земјата, кој рече нешто сосема друго, дека напредокот на Србија не е таков. Од друга страна, сега се наоѓаме во ситуација на дебата, за КОРЕПЕР кое е чисто политичко тело, дали ќе одлучи Србија да го отвори третиот кластер, со оглед дека Холандија е многу строга во поглед на владеењето на правото и напредок во првиот кластер. Така, ние имаме целосен комуникациски хаос за тоа и дали е добро отворање на Кластер 3 за Србија, изјави Селаковиќ.
Нирвана Делиу, проектен координатор на Национална конвенција за Европска Унија во Албанија (НКЕУ – Албанија), истакна дека процесот на проширување на ЕУ стана поригиден.
-Унијата од нас сега бара повеќе реформи, и бара да не следи многу построго, но всушност гледаме механизми кои не поддржуваат да ги спроведеме реформите во областа на владеење на правото и се почнува со новата методологија на проширување што беше воведена во 2020. Темелните вредности, петте поглавја во Кластерот 1 сега ќе го дефинираат темпото на напредокот во преговирите за пристапување, рече таа.
Делиу рече дека иако Албанија има добри закони, сепак проблемот е во нивната имплементација.
-Кога Албанија го отвори Кластерот 1, тоа беше клучна точка во нашата историја, но видовме дека ги немаме сите експерти и сите технички капацитети кои треба да ги спроведуваме, а треба да се мониторираат многу строго, па имавме надворешна експертиза од ЕУ, но националната експертиза е исто така многу важна и токму овде треба да се фокусираме и токму кон вакви активности треба да се насочуваме. Граѓанското општество треба да ги комуницира овбие нешта со самите граѓани. Не знам како е ова во Северна Македонија и во Србија, но во Албанија луѓето понекогаш не знаат кои се придобивките од членството во ЕУ. Сега гледаме дека има една постепена интеграција, каде луѓето сфаќаат дека има некакви придобивки, но ако не се искомуницираат со граѓаните тие нема да сфатат кои се тие придобивки од тоа да се биде дел од ЕУ, оцени Делиу.
Во рамки на ексертскиот состанк се одржа панелот „Предизвици во реформските процеси на правосудните системи: Регионални иницијативи и граѓанско учество“, на кој уште еднаш беше потенцирана важноста на независно и трансперенснто судство, ослободено од полиички притисоци. Судија за врски во Западен Балкан, Федерик Дубост, посочи дека политичарите треба да ја почитуваат независноста на правосудството. Таа истакна дека работата на обвинителите треба да е транспарентна кон медиумите бидејќи, како што истакна., со транспарентноста се подигнува јавната доверба во праводуството. Марко Николиќ од НКЕУ истакна дека Србија се фокусирала на предложените измени во избор на судиите во Србија за кои рече дека се закана за правосудството. Николиќ ја истакна големата кадровска криза во Србија во однос на недостиг на судии и обвинители, како и се помалиот број на приправници, за коишто кажа дека основна причина е лошата финансиска состојба. Елда Зотај, доцент на Универзитет „Александар Моисиу“ во Драч, Албанија истакна дека државата долг период спероведувача процес на реформи во правосуфството, ќии резучлтати граѓаните дури сега можеле да ги почувствуваат. Во сето тоа, рече тој, важна улога одиграл граѓанскиот сектор. Елена Геогиевска од Македонското здружение на млади правници истакна дека постои тренд на зголемување на учеството на граѓанските организации во креирање на законски и подзаконски решенија. -Значајно е дека на граѓанскиот сектор би требало да се гледа како на еднаков партнер во процесите. Да не дозволиме граѓанскиот сектор да е декор во овие процеси, подвлече Георгиевска.