Клучниот проблем во нашето општество во областа на здравствениот менаџмент каде што има неколку директори што одговарале за криминал, а не за неостварени резултати е да се почне со одговорност за неостварени резултати, истакна универзитетскиот професор по менаџмент Цветко Смилевски.
На панел дискусија во Битола на тема „Предивиците на здравствениот менаџмент“ истакна дека основно е да се свати дека менаџментот е пред се одговорност и отчетност, а не права на вработувања и распишување тендери.
-Во нашето општество во областа на здравствениот менаџмент има неколку директори што одговарале за криминал, а не за неостварени резултати. Време е да се почне со одговорност за неостварени резултати. Тоа е клучниот проблем. Треба јасно да се знае колку е намалена заразата во одредена здравствена област, колку се намалени приговорите на пациентите... тие мерливи резултати може да се постават, и само така може да почне да се размислува. Првите луѓе на јавни здравствени установи е потребно да почнат да размислуваат како менаџери и како да ги подобрат условите за сите внатре во организацијата, а не само овластувањата, посочи Смилевски.
Пред претставници на јавни и приватни здравствени установи, Смилевски потсети дека пред точно 30 години ДЕТРА Центар како мајка на Бизнис академија Смилевски, прв пат во Македонија организирала серија предавања под мотото „Здраво здравство со здравствен менаџмент“, кога како што рече ги афирмиравме прашањата кои што се однесуваа на вистинско менаџирање со резултати.
-За жал од тогаш, до сега, во јавното здравство не се поставени цели за остварување туку се поставуваат директори кои што имаат овластувања, а никој досега не одговарал за неостварување на целите. Затоа е значајно без срам да се употребува терминот менаџмент со што ќе се овозможи справување со проблемите во организациите за доброто на клиентите. Овде уште позначајно е што клиентите се пациентите, потенцијалните потешкотии се јавуваат од неразбирање на функцијата на партнерство во здравството. Пациентите, клиентите и докторите треба да имаат услови својот проблем да го решат, и тоа недостасува затоа што досега имаше два неуспешни обиди во јавното здравство со поставување на економски директори, а потоа и организициски директори. Наспроти нив, во приватното здравство има успех затоа што тоа е ориентирано кон резултати, затоа што ако нема резултати, нема да има пациенти, нема да има профит. Во таа смисла, едно од прашањата што беше дискутирано уште во 1994 година е тоа што јавното здравство да направи за да може да даде по квалитетна услуга, наместо квалитетната услуга да биде подредена на нелојалноста или на тоа што е позачестено, на корупција. Во таа смисла, нагласи Смилевски, во земјава за жал сеуште не е отворено прашањето за дополнително здравствено осигурување по категории на квалитетни услуги и затоа тоа се прави по темни канали и не се знае каде завршуваат парите.
На панелот што се одржа во БАС-Битола, Ѓорги Јанев, магистер по здравствена политика и здравствен менаџмент посочи дека недостигот на кадар во здравството е еден од најголемите проблеми но исто така потребна е поголема соработка меѓу јавното и приватното здравство. Ние приватниците, рече Јанев, знаеме да постигнеме многу повисоки резултати и успеси, додека јавното здравство иако има многу финансии, сепак има недостиг од резултати, а за тоа е потребно здравствениот менаџмент во здравството да биде на повисоко ниво.