Најмалите од детските градинки во Горица и Пустец, како и од неколку одделенија од основните училишта, денеска беа израдувани со новогодишни пакетчиња, обезбедени од познатиот активист за правата на Македонците, Панди Јани, во соработка со градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков.

-Донесовме новогодишна магија и насмевки на лицата на дечињата од градинките и на неколку одделенија во основните училиште во Мала Преспа. Со голема поддршка од градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, беа обезбедени и распределени новогодишни пакетчиња, кои им го направија празникот посебен, рече за МИА, Панди Јани.

Детската насмевка, додава, ја исполни нашата душа, што е стимул да продолжиме да се поддржуваме и да носиме радост таму каде што е најпотребно.

Искажува голема благодарност до градоначалникот Пецаков за поддршката, која ја дал, за да им ја долови новогодишната радост на најмалите малопреспанци.

-Оваа иницијатива е доказ дека соработката и солидарноста можат да направат големи промени во заедницата, особено за нашите најмлади. Голема благодарност до градоначалникот Пецаков и општина Охрид за нивната посветеност и хуманост, посочи Јани.

Дечињата им се заблагодариле со македонски песнички и стихотворби.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2024 23:39