Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Михалис Рокас денеска е во посета на Тетово, каде што оствари средба со градоначалникот на Општината, Билал Касами. На средбата соговорниците разговарале за проектите кои ЕУ ги спроведува во Тетово, при што беше издвоен проектот за пречистителната станица, колекторскиот систем, дигитализација и формирање на различни старт-ап компании во оваа Општина.

-Со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Михалис Рокас имавме состанок и разговаравме во врска со проектите кои ги реализираме како Општина Тетово, а кои се финансирани, односно кофинансирани од европските фондови. Со Европската амбасада имаме одлична соработка и во минатото, но сега посебно со амбасадорот Рокас кој веќе по втор пат е во Тетово. Тој оствари средба и со Советот на Општина Тетово каде со советниците разговара за предизвиците и проблемите со кои се соочува Советот и советниците како претставници на граѓаните во Тетово, изјави Касами.

Касами рече дека во рамки на посетата, Рокас ќе го посети и ЕУ инфоцентарот во Тетово, но и универзитетите во Тетово каде што во тек се реализации на неколку проекти.

-Има неколку проекти кои се во тек, а кои се кофинансирани од европски фондови. Јас ќе го споменам најважниот за Тетово, а тоа е филтер станицата и колекторот за отпадните води, за кој според првичните информации, понудите надминуваат вредност од 50 милиони евра. Ние се надеваме дека со ова целосно ќе го решиме најгорливиот проблем во Тетово - третирањето на отпадните води. Со тоа, Полошкиот регион и земјата ќе бидат почисти за земјоделските производи, рече Касами.

Рокас по средбата со Касами изјави дека постојат повеќе проекти кои ЕУ ги спроведува во Тетово, со цел подобрување на животот на граѓаните.

-Ние имаме успешна соработка со Општина Тетово. Дојдов денеска со цел да информирам за различните проекти кои ЕУ ги спроведува тука. Како што веќе ви е познато, тука е програмата „Европската унија за чист воздух“, но и пречистителната станица, колекторскиот системи и многу други проекти. Исто така, ЕУ го спроведува и проектот за дигитализација за започнување и формирање на различни старт-ап компании, проекти за различните градинки во Општината, додаде Рокас.

Тој рече дека во рамки на посетата дискутирал и со општинскиот Совет, при што биле покренати многу прашања, меѓу кои и прашањето за прекуграничната соработка.

-Треба да се подобрат граничните премини. Разговаравме за расположливите фондови на ЕУ кои имаат за цел да помогнат во олеснување на самата комуникација меѓу граѓаните. Во ЕУ инфоцентарот во текот на денот ќе имаме состанок и со граѓански организации. Јас се надевам дека ќе имам повторна можност да остварам средба со општинскиот Совет и со градоначалникот на Тетово, да разговараме за прогресот којшто ќе биде направен и се разбира за самите фондови на ЕУ коишто ќе може да се искористат за реализација и на други проекти во Тетово, рече Рока



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2024 02:00