Пред три години, на почетокот на својот мандат, се обврзав пред Вас граѓаните, дека чесно, домаќинско и транспарентно работење, Ресен ќе го направиме поубаво место за живеење.
Уште од самиот почеток на мандатот, затекнавме блокирана општинска сметка и отежнато работење со општината, но организирано работење, успеавме после 15 години блокирана сметка, Општина Ресен за прв пат, да има нула денари долг на било која основа и без обврски кон никого. Покрај тоа, направивме и позитива на сметката, што ни овозможи во изминатата година полесно работење и функционирање на општината.
Во изминатите три години, и покрај многуте пречки и предизвици, успеавме да реализираме над 110 проекти, кои произлегуваа од нашата програма и од потребите на Вас, граѓаните на Преспа, со што посебно се гордееме.
Во делот на патна и комунална инфраструктура, реконструирани се повеќе од 30 улици во градот и во руралните средини, со вкупна должина од околу 14 км, со средства обезбедени директно од општинската сметка, со вкупна вредност од околу 30.000.000 денари.
Пред самиот крај е реконструкцијата на ул. „Гоце Делчев“ во самиот центар на градот и две улици во с. Езерени.
Со поддршка на Светска банка реконструирана е ул. „Михајло Бочкаровски“, со крак од истата, со комплетна пешачка патека и подземна инфраструктура.
Исто така, поставена е и нова водоводна мрежа во неколку улици во градот и во с. Курбиново, а во с .Претор поставен е нов резервоар за вода.
Завршена е изградбата на канализациона примарна и секундарна мрежа во с. Перово со пречистителна станица, а во с. Сливница е поставена примарна мрежа, а во тек е повикот за изградба на пречистителна станица.
Во периодот што следи ќе се работи на уште 6 нови канализациони мрежи со пречистителни станици во селата Стење, Сливница, Крани и Арвати, Брајчино, Долно Дупени и Претор со туристичката и вилската населба, за кои повикот е пред самиот крај.
Во исто време, интервенирано е на неколку канализациони системи во градското подрачје.
Набавена е механизација за зимско одржување на градот, набавени се и 2400 канти за отпад во руралните средини и опрема за модернизација на системот, за намалување на загубите на водоводниот систем.
Во сферата на образованието, инвестирано е во реконструкција и реновирање на старата зграда на детската градинка „11 Септември“, како и ОУ „Славејко Арсов“ во с. Подмочани.
Направена е и сензорна соба во ОУ „Мите Богоевски“ во Ресен.
Набавени се смарт табли и дигитални уреди, за подобрување на наставниот процес, во средното и основните општински училишта. Обезбедено е и ново возило за школски превоз.
Од областа на спортот и рекреацијата, за најмладите поставени се повеќе од 10 детски паркови на повеќе локации во градот и селата. Во дворот на ОУ„Мите Богоевски“ Ресен, направено е ново кошаркарско игралиште.
Ќе напоменам, дека редовно се поддржуваат сите општински спортски клубови.
Локалната власт во изминатите три години, редовно организира и ги поддржува сите културни настани и манифестации, со што го поттикнува дружењето на младите.
Во наредните неколку денови треба да отпочне целосна реконструкција на зградата на старата пожарна во самиот центар на градот, која ќе биде наменета за младински културен центар со простории за дружење и творење на младите од Ресен и Преспа и за одржување на состаноци на невладините организиции од општината.
Воведени се и нови социјални мерки и зголемени се износите за веќе постоечките.
Со поддршка од Владата на Република Македонија, во периодот што следи ќе бидат реализирани и 6 нови проекти, во вредност од околу 40 милиони денари, за кои распишани се и повиците.
Ова е само дел од многуте реализирани проекти во Општина Ресен.
Останува уште многу што треба да се направи за општината, па затоа во следната година го имаме еден од најразвојните буџети на општината, во кој се предвидени асфалтирање на повеќе улици, изградба на повеќе канализациони и водоводни мрежи, културни и спортски настани. Исто така, сме спремни за аплицирање на новиот национален повик.
Сето ова немаше да биде направено без нашата посветеност и работа, но и без довербата и соработката од страна на Вас, граѓаните на Општина Ресен. Во периодот што следува продолжуваме со поголемо темпо да работиме, за да направиме подобри услови за живот на Вас, нашите сограѓани.
Ова не е крај, туку е почеток на едно ново поглавје за Ресен и Преспа.