Општина Битола во рамки на еко проектот EU2CleanAir поддржан од Европската унија засади 1.500 садници на три локации во градот.

Според градоначалникот Тони Коњановски, станува збор за проект кој е многу значаен за заштита на животната средина и тоа е поддршка во време кога низ цела Македонија воздухот е многу загаден.

-Засадуваме 1.500 садници, тоа не е мала поддршка и притоа засадуваме на три локации во градот. Проектот е финансиран од Европската унија и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и ЈП „Комуналец“ од каде беа посочени локациите утврдени на барање на граѓаните. Во новиот парк во Нова Битола денеска засадивме 200 садници од осум различни врсти дрвја. Досега засадивме над 1.000 садници на повеќе локации во Нова Битола, градски парк, влез во Битола од страната на Прилеп и во кругот на Офицерски дом, истакна на прес конференција во Битола, градоначалникот Коњановски.

Во изјава за медиумите, Коњановски потсети дека акцијата почна пред еден месец и во неа се вклучија амбасадорите на Германија и Франција, но акцијата ќе биде континуирана со цел заштита на животната средина.

-Очекувам соработка со граѓаните за тоа што е засадено да се зачува. Грижата за дрвјата и нивно наводнување ќе ја врши ЈП „Комуналец“ и на тој начин сите заедно ќе ги зачуваме дрвјата како важна иднина за нашите генерации, нагласи Коњановски.

Со засадување на дрвца во Нова Битола воедно се врши урбано зазеленување на паркот кај месноста Довлеџик, истакнаа од општина Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2024 02:36