Општина Илинден успешно ја спроведе големата акција за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“. Како што се наведува во соопштението од Општина Илинден, акцијата за пошумување се реализира во изминатиот период на повеќе локации, а денеска се пошумуваше на Ајватовски рид, делот кој беше опфатен со големите пожари и беше уништена шума во површина од 30 ха.
Во оваа денешна акција за збогатување и обновување на шумскиот фонд, засадени се 1100 садници од видот багрем и чемпрес, а учествувале голем број граѓани, ученици, јавните претпријатија, општинската администрација. Целта е да се обнови шумата и заеднички да ја подигнеме еколошката свест за здрава и чиста животна средина чии придобивки ќе ги чувствуваме сите ние, но и генерации по нас.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски присуствувал на акцијата и истакнал дека обврска на секој од нас е активно да се грижи во подобрување на еколошката свест, со цел да придонесеме да имаме чист воздух и здрава животна средина, такашто во таа насока ваквите еколошки акции ќе продолжат и во иднина да се реализираат.