Советот на Општина Велес на вчерашната 58. Седница, со измена и дополна на ГУП и ДУП ги отстрани административните пречки за изградба на маркет „ЛИДЛ“, помеѓу улиците „АСНОМ“, „Алексо Демниевски Бауман“ и „Новопланирана улица 1“.

Како што информираше за МИА претседателот на Советот, Даниел Јаневски, изградбата ќе започне оваа пролет во 2025 година, што ќе значи нови вработувања и придонес на локалната економија, како и поголема конкуренција во трговскиот сектор.

– Конкуренцијата е добра за сите. Како во однос на цените на производите и се надевам ќе има намалување на цените на производите, така и во однос на конкуренција со останатите трговски фирми и дека тоа ќе значи и поголеми плати за вработените во тој сектор. Отворањето на „ЛИДЛ“ маркет во Велес значи и раздвижување на локалната економија, посочи Јаневски.

Општина Велес, додаде, секогаш е отворена за нови инвестиции и ги повикува сите заинтересирани домашни и странски фирми да инвестираат во Велес.

Со оглед на тоа дека инвеститорот има потреба за измена и дополнување на ГУП и ДУП, од Одделението за урбанизам на Општина Велес информираа дека „ЛИДЛ“ во целост ќе ја финансира изработката на измените.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2024 04:55