На парламентарните избори, што на Косово ќе се одржат на 9 февруари, со своја листа се очекува да учествува и Единствената горанска партија.

- И на овие избори ќе учествуваме со наша листа, за што барање доставивме до Централната изборна комисија. На истата се 29 кандидати, познати личности од нашата, многубројна горанска заедница. Со одлука на партиското раководство листата ќе ја предводам јас, рече за МИА, Адем Хоџа, лидер на партијата.

Хоџа, кој е од село Рестилица, е диломиран инжињер, а за пратеник беше избран и во последните два изборни циклуси.

Со негово залагање во областа Гора, населена со Македонци, реализирани се повеќе проекти, насочени главно во подобрување на патната инфраструктура.

Во областа Гора во Косово распослани се девет села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед познати како Горанци, кои говорат македонски јазик, но во голем процент ги има и во Драгаш и Призрен и околните населени места.

Како што претходно соопшти Централната изборна комисија, ЦИК, 28 политички субјекти доставиле барање за сертификација за учество на парламентарните избори. Од нив 20 се политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.

ЦИК треба да ги потврди кандидатските листи најдоцна до 25 месецов



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2024 05:02