Буџетот на Општина Штип за 2025 година ќе биде историски најголем и ќе изнесува повеќе од една милјарда денари. Средства кои ќе се вратат на граѓаните, во форма на капитални проекти, соопшти денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој истакна дека во тек се средбите со претставниците на Урбаните заедници, за да се утврдат приориретните проекти за сите населби и села во Штип. Инаку за наредната година во Штип ќе има неколку капитални проекти, меѓу кои се доизградбата на булеварот „Партизанска“, каде што градежните активности се интензивни, потоа изградбата на обиколницата од населбите Железничка и Пребег до Кежовица.

-Како капитални проекти се и спортската сала „Џексон“, сообраќајницата којашто ќе ги поврзува населба Македонка со населба Баби, новиот мост на река Брегалница, новиот мега парк, дополнителниот зелен парк покрај коритото на река Брегалница, во непосредна близина на бањата Кежовица. Ова се дел од низата на покрупни проекти, коишто се предвидуваат за сите населби на територија на Општина Штип, вели Јорданов.

Буџетот на Општина Штип за 2025 година треба да се најде на седница на Советот на Општина Штип во текот на наредните денови.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/12/2024 15:17