Промените на Законот за управување со електронски документи и интегрирањето на Управата за водење на матични книги под Министерството за дигитална трансформација ќе овозможи голем број документи во 2025 година да се издаваат целосно по електронски пат. Граѓаните ќе можат да добијат, на пример, извод од матична книга на родени, со електронски печат и така целиот процес ќе може да го изведат преку компјутер.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски одговорајќи на новинарско прашање по денешниот настан во Општина Јегуновце.
-Во собраниска процедура е законот за прифаќање на електронски издаден документ. Кога ќе ви го издадат како документ, да можете да го испечатете и да го искористите без да има печат. Досега, дури и да го извадите на порталот, ви бараа и печат дополнително. Тој и во моментот се вади електронски, но потребно е време да го добијат граѓаните, што значи два до три дена електронскиот документ, рече Андоновски.
Тој додаде дека Управата за водење матични книги од 1-јануари доаѓа под Министерството за дигитална трансформација и, како што рече, сакаат овој процес да го забрзаат, а целта е во 2025-та да го донесат до автоматизација.
-Во моментот кога ќе аплицирате, веднаш да ви биде издаден. Потребно е малку време за да ги координираме активностите со Управата за водење на матични книги, но 2025-та година ќе го имаме веќе целосно дигитализиран, изјави Андоновски.
Измена на Законот за управување со електронски документи ќе дозволи документ да биде еднакво валиден како да биде со печат и потпис на некое службено лице. Таков документ ќе има електронски печат, времен жиг и електронско потпишување.
- Во моментот постојат такви документи, за жал дел од институциите не ги прифаќаат. Тоа е на пример, од Катастар се вади имотен лист. Имотниот лист е целосно валиден електронски документ, но доколку го испечатите и го однесете, да речеме во некоја институција, тие ќе ви побараат печат на истиот документ. Сакаме печатите да ги оставиме во минатото и да одиме со електронски печати, истакна Андоновски.
Во тетовско Јегуновце денес се отвори подрачна канцеларија на „Центар за услуги“.