Албанскиот национален институт за културно наследство, објави дека почнала реконструкција, реставрација и расчистување на просторот кај неколку верски објекти, меѓу кои и црквите „Свето Преображение“ во село Ербеле и „Свети Спас“ во село Горно Крчишта, некогаш населени со Македонци.

-Во округот Пешкопеа (Долни Дебар) во тек е реализација на реставраторски проекти на објекти од особено значење за зачувување и промоција на нашето културно наследство. Го заштитуваме културното наследство, ја зголемуваме туристичката привлечност и придонесуваме за одржлив развој на регионот, стои во објавата на Институтот.

Црквата „Свето Преображение“, која датира од 12 век е во селото Ербеле, област Поле или Долни Дебар, кое се наоѓа во близина на македонската граница кај Дебар. Од 1970 година е прогласена за споменик на културата.

Некогаш во селото имало многу македонски семејства, но се иселиле, па денес, се само две, кои постојано живеат тука и се грижат за црквата. По традиција Македонците по потекло од Ербеле, а коии денес живеат во Тирана, Драч, Елбасан, Маќелара, Тетово, Скопје и други градови, како и оние малкуте од неколку села во областа, одржуваат средба по повод големиот христијански празник, Преображение, што е патрон на селската црква.

Црквата „Свети Спас“ во селото Горно Крчишта е изградена во 1232 година и е споменик на културата, која за време на режимот на Енвер Хоџа била претворена во магацин. На 13 јуни 2009 година беше преосветена а одредени неопходни градежни активности се реализирани со помош на Македонци, поранешни жители на Крчишта, од фамилијата Радевски и Дуковски.

Поранешните жители и нивните потомци одржуваат традиционална средба по повод празник Вознесение Христово-Спасовден, патрон на црквата, на која богослужба години на ред одржува Ристо Камбуроски свештеник во Кичево, но по потекло од Крчишта.

Барање за реставрација и заштита на црквите до Институтот, во 2019 година достави македонското друштво „Илинден“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2024 04:13