Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петровска вели дека оценката од Извештајот на Светска банка дека државава има најлоши резултати во делот на оданочувањето е разочарувачка и покажува оти пред УЈП има големи предизвици во делот на оданочувањето и оперативната ефикасност. Но, според Петрова, тие предизвици се остварливи и има реални можности Управата да биде навистина поддршка, а не бариера на компаниите во исполнување на нивните даночни обврски.
Петрова беше меѓу говорниците на настанот во Собранието на кој беа изнесени клучните препораки на СБ за политиките за развивање на приватниот сектор, во присуство на претставници на ресорните министерства и на надлежните институции, невладиниот сектор, стопанските комори и Организацијата на работодавачи.
Како што истакна Петрова, даночното опкружување во коешто компаниите ги пресметуваат и плаќаат даночните обврски е значаен сегмент на целокупното деловно опкуржување. Тука е, укажа таа, даночната политика која што може да биде и треба да биде моќен инструмент во делот на мерките преку даночните стимулации, олеснувања, ослободувања и слично. Но, освен даночната политика, даночното опкружување го сочинува и администрацијата, администрирањето на даноците и тука е пред се ефикасноста на УЈП, која треба првенствено да обезбеди поддршка на компаниите како даночни обврзници, а не да им поставува административни бариери.
- Одејќи по однос на индикаторите коишто се проценети, слаби оценки има во делот на регулативата, делот на јасноста и транспарентноста. Она што недостасува како што е проценето се прирачници за примената на даноците испорачани преку соодветни медиуми, како и правила за примената на даночната регулатива и процедури за утврдување на усогласеноста на компаниите со даночната регулатива. Во таа смисла, во новиот стратешки план на УЈП воведена е цела нова програма за зајакнување на кооперативноста и партнерството со даночните обврзници каде во најголем дел влегуваат компаниите, со цел да бидеме поврзани и да ги намалиме сите јазови во знаењето за примената на даноците, да имаме усогласено разбирање за примената на даноците и за исполнувањето на даночните обврски, да ги спречиме грешките во пресметување и плаќањето на даноците уште пред да настанат. Значи, да спречиме да настануваат грешки наместо да одиме во дополнително утврдување на неправилности и разрешување преку контроли, казни, судски спорови и слично, наведе Петрова.
Во делот на јавните услуги, рече дека оценките покажуваат слабости во дигиталните услуги на даночните обврзници и оти УЈП има донесено реформска програма за дигитализација т.н. дигитална трансформација или транзиција во дигиталното општетсво за што има поддршка и од Светска банка.
- Оваа програма е неколкугодишна и треба да придонесе до значителна промена на начинот на којшто ќе се одвива пресметувањето и плаќањето на обврските кај даночните обврзници, но исто така и на моделите на работење во УЈП. Треба целосно да доведе до промена на профилот на даночната администрација, на начинот на испорачување на услугите кон компаниите како даночни обврзници и повеќе да се доближиме до најсовремениот модел на даночна администрација, моделот на ОЕЦД, рече директорката на УЈП.
Според таа концепција, како што појасни, пресметувањето и плаќањето на даноците треба да биде интегрирано во природната средина на компаниите. Е-фактурата којашто се најавува, според директорката на УЈП, во тест фаза се очекува да почне во текот на 2026 година.
- Да се намалат обврските за даночните обврзници да репортираат кон УЈП со поднесување на даночни пријави, а наспроти тоа со поврзување на системите на УЈП даночните обврзници и други поврзани субјекти да се овозможи во релно време да ги добиваме податоците коишто се однесуваат на пресметаните даночни обврски. Таков систем ќе биде и системот е-фактура којшто беше споменат, за којшто веќе започнаввме постапка на јавна набавка за софтвер. Во текот на 2025 година ќе работиме на овој систем за кој се планира имплементацијата да стартува бараме во тест фаза во текот на 2026 година. Овој систем, покрај во делот на оданочувањето за компаниите ќе има голем бенефит и со тоа што ќе им го олесни интерниот процес на нивниот деловен процес на фактурирање. Ќе обезбеди поголема контрола и сигурност во процесот на факутирирање и ќе им ги намали административните трошоци во изработка и достава на фактури, а секако во понатамошните фази ќе придонесе особено и за олеснување на даночните обврски бидејќи ќе овозможи УЈП да воспостави пред пополнета даночна приајва за ДДВ, појасни Петрова.
Во однос на слабите переформанси на даночната контрола и процесот на разрешување на жалби, рече дека преку автоматизацијата на процесите и воспоставувањето на новиот интегриран ИТ систем ќе се подобри ефикасноста, а контролите ќе бидат насочени само во областите каде што има ризици за неточно пресметување и плаќање на даночните обврски.
- Притоа компаниите да не ги доживуваат контролите како одземање на нивното време. Ако е објективна селекцијата за контроли, таа ќе биде насочена токму во областите каде што постојат ризици, а останатите даночни обврзници ќе може да бидат посветени на своите деловни активности, најави Петрова.
СБ во препораките укажува дека во државава треба да се создаде бизнис околина што ќе биде предвидлива и ќе ги намали трошокот и времето на фирмите во делот на административните и бирократските барања и да се формира иновативен еко систем којшто ќе ги доближи новите технологии и знаења до македонските фирми. Исто така, да се креира финасиски сектор кој ги опфаќа сите форми и ќе нуди разновидни финансиски услуги со кои ќе се подобри ликвидноста и инвестициската способност на фирмите, како и да се обезбеди пазарна интеграција и на регионалниот и на европскиот пазар.
За сето ова да се постигне, според СБ, потребни се финансиски независни пазарни институции кои ќе го регулираат односно дерегулираат пазарот како што се Развојната банка, Комисијата за заштита на конкуренцијата,...односно сите регулатори што постојат на пазарот кои ќе треба да носат исправни одлуки и пазарот да функционира и да даде можности.
Од СБ укажуваат дека е потребна диверзификација на извозот со што повеќе фирми од државава ќе извезуваат на повеќе пазари поразновидни производи и услуги.
- Во Македонија извозот е еден од главните двигатели на развојот, но е многу концентиран на еден пазар, германскиот, концентиран е во автомобилската индустрија и во релативно мал број на големи фирми, така што е многу големата концентрација на ризик. Ова што сега се случува со германската економија има големи негативни ефекти врз нашата економија, наведе Татјана Маркоска, специјалист за развој на приватниот сектор во СБ.
На државата, како што дополни, и е потребна и нова стратегија за привлекување странски инвестици, старата која се базираше на евтина работна сила веќе не е применлива, а потребно е да се зголеми и фокусот за привлекување ивеститори во високотехнолошките дејности кои додаваат поголема вредност и бараат поквалификуван кадар, но во помал обем.
- Во делот на поддршката на извозот има доста простор за дигитализација на процесите во Царинската управа, во подобрување на инфраструктурата на граничните премини и воведување на зелените ленти. Доста важно е да се зголеми бројот на извозници, моментално извезуваат помалку од четири проценти од македонските фирми и за да се направи тоа треба да има државни програми за поддршка на извозот и за поддршка на подготвеноста на фирмите да излезат на странските пазари, рече Маркоска.
Валерија Пероти, менаџер на Одделот за развој на економијата во Светска банка, пак, во презентација на наодите од Извештајот Business Ready на СБ, алатка со која се мапираат места што може да се подобрат, посочи дека во државава има јаз во јавните услуги.
- Интересно е што постојните компании можат да бидат истрајни и отпорни, а тоа значи дека ќе најдат начин на работа дури и кога има предизвици во регулаторната рамка или во јавните услуги. Меѓутоа, ако се подобрат рамката и услугите, компаниите можат уште да пораснат и да се развијат а економијата да привлече нови фирми, рече Пероти.