Финецот Валтери Ботас ќе се врати во Мерцедес следната сезона како резервен возач на тимот во Формула 1, објавено е денеска.

Ботас беше без ангажман, откако го напушти Заубер на крајот на минатата сезона и се очекуваше да се врати во Мерцедес, со кој победи на 10 трки и имаше 20 пол-позиции, додека беше тимски колега на Луис Хамилтон од 2017 до 2021 година.

Во последните две сезони Мик Шумахер беше резервен возач на Мерцедес, но Германецот реши да го напушти тимот и да бара нови предизвици во мотоспортот.

За Мерцедес следната сезона ќе возат Британецот Џорџ Расел и 18-годишниот Италијанец Андреа Кими Антонели, кој го пополни празното место по заминувањето на Хамилтон во Ферари.

Во последно време бројни новинари и фанови често го прашуваа Ботас – „Што е следно“, во обид да откријат што планира во продолжение на кариерата, а истото се прашуваше и самиот возач.

„Среќен сум што конечно можам да одговорам на прашањето. Следно е враќањето дома во семејството Мерцедес како трет возач за 2025 година и не би можел да бидам позадоволен. Сакам да му се заблагодарам на Тото Волф, тимот во Бракли и другите затоа што ме пречекуваат со раширени раце“, рече Ботас.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2024 03:50