Тренерот на Барселона, Ханзи Флик го пофали својот противник во утрешниот натпревар - Атлетико Мадрид. Двата тима имаат ист број бодови на врвот во Ла Лига, но „јорганџиите“ имаат натпревар помалку.
- Ќе биде многу тежок натпревар за нас. Тие се најдобриот тим досега. Ќе биде одличен натпревар. Мора да бидеме сконцентрирани од првата до последната минута. Атлетико постигнува многу голови на крајот“, изјави Флик.
За неговиот колега Диего Симеоне, тој рече дека врши фантастична работа и многу го почитува.
-Ми се допаѓа како живее. Неговиот тим го одразува тоа. Ја почитувам неговата работа, но ние сакаме да победиме, вели Германецот.
Германецот ја прокоментира и неконзистентната форма на Каталонците, кои претрпеа два изненадувачки порази и имаат пет освоени бода во последните пет првенствени натпревари.
-Го започнавме проектот, а на 20 декември сме први во Ла Лига и втори во Лигата на шампионите. Испуштивме бодови и штета е затоа што требаше да победиме против Лас Палмас и Леганес. Почит за нив бидејќи одиграа подобро од нас и тоа мора да го прифатиме. Утре имаме уште една шанса да се докажеме, истакна тој.