Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска, на прес-конференција во Владата, соопшти дека за шест месеци се исплатени над 4,3 милијарди денари субвенции, а за два дена се префрлени над 1,7 милијарди денари на околу 78 000 земјоделци.
Како што истакна Трипуновски, Владата ја покажува грижата за македонските земјоделци на дело.
-Владата со ребалансот обезбеди над 1 250 000 000 денари за да ги исплати заостанатите обврски кон македонските земјоделци. Работевме напорно изминатите шест месеци и ги исплативме сите заостанати обврски од претходните години во висина од над 2,5 милијарди денари. Претходните два дена, пак, исплаќавме субвенции за 2024 година. Над 294 милиони денари кон 4 533 производители за кравјо, овчо и козјо млеко се исплатени за првите шест месеци од годинава, со околу 83 милиони денари кон 10 727 македонски земјоделци е исплатена мерката 1.4 Директни плаќања за обработлива земјоделска површина, а повеќе од 392 милиона денари кон 23 626 земјоделци се реализирани за мерката 1.1. Директни плаќања за обработливa земјоделска површина за сите поледелски култури, рече министерот.
Според него, реализирани се и преку 233 милиони денари денари кон 9 172 македонски земјоделци за мерката 1.2 Дополнителни директни плаќања за подмерка 1.1 за употреба на сертифициран семенски материјал, околу 118 милиони денари кон 8 729 земјоделци за мерката 1.8 односно Директни плаќања за обработливa земјоделска површина за одржување на постоечки овошни насади, 146 милиони денари кон 13 412 земјоделци за мерката 1.11 Директни плаќања за обработливa земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади, како и околу 417 милиони денари кон 8 680 земјоделци за сточарско производство од Програмата за 2024 година.
Трипуновски напомена дека секој во земјава што решил да се занимава со земјоделство, заслужува навремена и тековна исплата на финансиската поддршка.
-Во минатото сервисирањето на тековните субвенции кон нашите земјоделци беше мисловна именка, а денес е реалност. За изминативе шест месеци од кога е формирана Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се исплатени над 4,3 милијарди денари кон македонските земјоделци. Бројките и делата говорат дека не пишуваме политички флоскули, ниту кажуваме лажни ветувања, напротив, нашиот збор и нашето ветување кон земјоделците е реалност. Земјоделците овојпат имаат вистински партнер во Владата и во Министерството. Заедно ќе креираме нови мерки за 2025 година и нови политики за да го вратиме македонското земјоделство на пиедесталот, потенцира Трипуновски.