Пратениците во Советот на Општина Охрид на денешната седница го усвоија буџетот на Општината за 2025 година. Основниот буџет изнесува 1.210.850.000, додека вкупниот буџет 1.957.195.223 денари, инаку историски најголем буџет на општината.

Градоначалникот Кирил Пецаков во обраќањето пред советниците истакна дека станува збор за перспективен и развоен буџет што многи ќе значи за Охрид.

- За споредба, го започнавме во 2022 година буџетот со околу 580 милиони денари сопствен приход за да стигнеме сега, заедно со пренесеното салдо, до милијарда денари. Општина Охрид втора година со ред, 2023 и 2024 уште на почетокот на ноември остваруваше сто проценти од приходната ставка на буџетот и двете години со ред пренесувавме салдо во новиот буџет кој можевме да го планираме. Првата година го искористивме за одблокирање на Општина Охрид, зборувам за 2024, а годинава 200 милиони денари плус ќе ги пренесеме најмногу за капиталните инвестиции, но и поединечно по ставки во животна средина, туризам, локален економски развој, спорт, култура, социјална заштита… Би рекол дека Општина Охрид после многу години застанува на здрави нозе посебно од финансиски план и пред нас е еден период, не само оваа година и наредните години на инвестициски бум по однос на капиталните инвестиции, истакна Пецаков.

Говорејќи за тековните и планираните проекти, тој посочи дека реалноста е иако е изготвена проектната документација и ревносно се работело за добивање одобренија, имало одложувања, со нагласок дека сега за првпат постои можност да се разговара за нормални забелешки.

- Од денешен аспект со плоштадот „Крушевска Република“ е завршена приказната по однос на добивање на одобрение. Вчера се пратени последните направени измени и се надевам дека работата е веќе завршена со конзерваторското одобрение. Во однос на катната гаража, меѓу другото беше споменато и дека не бил проект од јавен интерес. Доаѓа крајот на мандатот за одприлика година дена каде на самата отчетност треба да разговараме дали проектите се завршени, дали не, што сме ветиле и завршиле, а што сме ветиле, не сме го завршиле и зошто не сме го завршиле и дали се обврзуваме дека во наредните четири години би се направило тоа, рече Пецаков.

Во расправата пред гласањето за буџетот беа доставени три амандмани од кои два беа прифатени, а се однесуваа на Програмата за уредување на градежно земјиште со кои се врши пренамена на средстава за учество на општината во финансирањето за изградба на филтри на пупмната станица во Метропол и обезедување дополнителни средства за реконструкција на водоводната линија од населбата Кленоец до Леарница.

Инаку, за споредба, основниот буџет за 2024 година изнесуваше 978.170.000, додека вкупниот 1.656.675.214 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2024 01:55