Тибетскиот политички и духовен лидер Далај Лама денеска изјави дека е „длабоко натажен“ поради силниот земјотрес во регионот на Тибет во југозападна Кина во кој загинаа најмалку 95 луѓе и е предизвикана голема материјална штета.

„Длабоко сум натажен поради разорниот земјотрес што утринава го погоди тибетскиот град Тингри и околните области. (Земјотресот) предизвика трагична загуба на многу животи, многу повредени и уништување на многу домови и згради, рече Лама.

Тој додаде дека се моли за сите што ги загубија животите и посакува брзо закрепнување на повредените.

Осумдесет и деветгодишниот Далај Лама го напушти тибетскиот главен град Ласа во 1959 година, осум години откако Кина ја презеде целосната контрола врз регионот, кој дотогаш беше во голема мерка автономен. Оттогаш, будистичкиот духовен водач живее во егзил во Индија и не се вратил во Тибет. Во 2011 година Далај Лама се откажа од својата улога на политички лидер во Тибет, предавајќи ја секуларната власт на владата демократски избрана од околу 130.000 Тибетанци ширум светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2025 04:45