Германскиот авијациски гигант Луфтханза денеска објави дека планира до крајот на годината да вработи околу 10.000 нови работници ширум светот, што е значително помалку отколку во 2024 година, кога оваа група вработи околу 13.000 работници, се наведува во соопштението на компанијата.

Вкупниот број на вработени во Луфтханза треба да се зголеми дури и откако ќе се одземе бројот на оние што заминуваат, рече портпаролот.

Најголемата европска воздухопловна групација според приходите моментално вработува повеќе од 100.000 луѓе во 90 земји низ светот.

Во 2025 година, тие имаат намера да вработат повеќе од 2.000 кабински персонал, околу 800 пилоти, повеќе од 1.400 персонал на земја, околу 1.300 технички експерти и 1.200 работници во административниот оддел.

Повеќе од половина од новите работници ќе бидат вработени во Германија, забележува комоанијата.

Помалку работници отколку во 2024 година ќе бидат вработени во „Луфтханза ервејс“, која во моментов е во програма за намалување на трошоците.

-Луфтханза е атрактивен работодавач, со многу различни работни профили и кариери, а така ќе биде и во иднина. Само минатата година примивме 350.000 апликации низ целата групација и вработивме повеќе од 13.000 вработени, рече членот на извршниот одбор на Луфтханза и шеф на човечки ресурси Мајкл Нигеман.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2025 04:50