Американскиот милијардер Илон Маск го изразува своето мислење како „граѓанин и тој има право на тоа“, изјави денеска шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен во Париз.
- Приватно, граѓаните во нашата земја можат да кажат што сакаат, рече Блинкен на прес-конференцијата со неговиот француски колега Жан Ноел Баро.
Блинкен рече дека Маск, како и секој Американец, има право да го каже своето мислење.
Маск со недели ги зголемува провокациите на својата социјална мрежа Х, коментирајќи ги политичките дебати во Велика Британија и Германија.
Неколку високи европски претставници ги осудија неговите ставови.
Баро денеска ја повика Европската унија да ги заштити земјите-членки од мешање во европската јавна дебата.
Британскиот премиер Кир Стармер во понеделникот предупреди на опасноста од оние кои „шират лаги и дезинформации“, додека францускиот претседател Емануел Макрон изрази жалење што Маск директно се меша во претстојните парламентарни избори во Германија.
Маск претходно отворено ја поддржуваше германската екстремно десничарска партија АфД, а британскиот премиер го нарече „идиот“.