Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден привремено го блокираше договорот за признавање на вината за обвинетиот организатор на нападите на 11 септември 2001 година, Калид Шеик Мохамед, што ќе го поштеди од ризикот од смртна казна за нападите на Ал Каеда врз САД.
Одлуката на федералниот апелационен суд во Вашингтон уследи по барањето на владата да го одложи договорот постигнат од претставници на Министерството за одбрана, јавија американските медиуми.
Мохамед требаше да се изјасни денеска.
Членовите на семејствата на некои од речиси 3.000 лица убиени во нападите на Ал Каеда на 11 септември 2001 година, веќе се собраа во американската поморска база во заливот Гвантанамо, Куба, за да ја слушнат изјавата на Мохамед.
Претходно, американската влада постигна договор за признавање вина со Мохамед.
Договорот, преговаран две години и одобрен на крајот на јули од воените обвинители и високи претставници на Пентагон за Гвантанамо, ќе ги поштеди Мохамед и двајцата сообвинети од ризикот од смртна казна.
Адвокатите на одбраната велат дека договорите за признавање вина се веќе на сила и дека американскиот министер за одбрана Лојд Остин нема законско овластување да ги поништи.
На 2 август, Остин објави дека се повлекува од договорот, тврдејќи дека одлуката за смртни казни за напад толку сериозен како 11 септември треба да ја донесе само секретарот за одбрана. Администрацијата на Бајден отиде пред федералниот апелационен суд во Вашингтон, откако судијата во Гвантанамо и воениот одбор за ревизија ја отфрлија интервенцијата на Остин.