Од 17 до 26 јануари ќе се одржи зимското издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион. Станува збор за заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали - Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК „Браќа Манаки“. Публиката од земјите чии фестивали се членки на Мрежата, ќе може бесплатно да погледне пет регионални наградувани филмови.
Дел од програмата ќе бидат „Екскурзија“ на режисерката Уна Гуњак, „М“ на Вардан Тозија, „Набљудување“ на Јанез Бургер, „Работничката класа оди во пеколот“ на Младен Ѓорѓевиќ и „Само кога се смеам“ на Вања Јураниќ.
Како што соопштија од „Браќа Манаки“, програмата почнува во петок, 17 јануари, со бесплатна проекција на филмови во кината во Сараево, Белград, Хецег Нови, Љубљана, Загреб, Битола и Скопје, а потоа, од 18 до 26 јануари сите филмови ќе бидат достапни онлајн на ондеманд платформата на линкот „https://ondemand.kinomeetingpoint.ba/“.
Зимското издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион е единствена можност за публиката во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија и од нашата држава бесплатно онлајн да ги погледне наградуваните филмови.
Почетокот на програмата ќе го означат проекциите на филмот „Екскурзија“ на Уна Гуњак во 3Д киното на Центарот за култура во Битола и во кино салата на Кинотеката во Скопје на 17. јануари во 20 часот.
Дејството на филмот го следи Иман (Асја Зара Лагумџија) која додека нејзиниот клас во деветто одделение се подготвува за екскурзија, го привлекува вниманието на едно постаро момче. По играта на вистината и предизвикот, низ училиштето се шири гласина дека Иман е бремена. Ќе ја загрози и екскурзијата. Иман се наоѓа во бура од очекувања и ограничувања, предизвикани од настани кои се надвор од контрола. Улогите во филмот ги толкуваат: Асја Зара Лагумџија, Наѓа Спахо, Маја Изетбеговиќ, Медиха Муслиовиќ, Изудин Бајровиќ и Мухамед Хаџовиќ. „Екскурзија“ е првиот долгометражен филм на Уна Гуњак, која е наградена на Сараевскиот филмски фестивал со „Срцето на Сараево“ за најдобар краток филм „Кокошка“ во 2014 година, и со наградата на Европската филмска академија за најдобар краток филм.
Како што е најавено, еден час пред почетокот на проекцијата во Кинотека ќе биде отворена изложба на сите досегашни 45. плакати од 45-те изданија на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. По завршувањето на проекцијата во Кинотека, публиката ќе има можност да поразговара со кинематограферот на филмот „Екскурзија“, Матијас Пилц.
На програмата е и македонскиот филм „М“ на Вардан Тозија, дистописки психолошки трилер за растењето.
Ова е трето зимско издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион, организирано со цел да ги промовира и направи повидливи квалитетните регионални филмски остварувања, а прво во кое е вклучен ИФФК „Браќа Манаки“ и прво кое се одржува и во нашата држава и чии филмови на ондименд платформата се достапни и за македонската публика.
Мрежата на фестивали од јадранскиот регион е поддржана од потпрограмата МЕДИА на програмата Креативна Европа на ЕУ.